Ангажман на татковците
Во повеќето општества ширум светот, грижата за децата се смета за одговорност на мајките, додека татковците активно се обесхрабруваат да го прават тоа. Националните политики и деловни практики ги кодифицираат таквите норми во форма на пристрасни политики на компаниите, на пример, дозволувајќи им на татковците само ограничено родителско отсуство или не дозволувајќи го воопшто. Со тоа се ограничува целосното уживање во родителството кај татковците и машките негуватели, а истовремено се става значителен товар врз мајките или негувателките. Мора да се разбере дека татковците имаат силни вродени капацитети да се врзат со новороденчињата, да развијат однос со нив и да се грижат за нив. Врската татко-новороденче има и хормонална/невробиолошка основа и психолошка основа и е клучна за развојот на детето.
Совети за родителите:
- Пред да се роди вашето дете, планирајте да ги искористите политиките за родителско отсуство, да управувате со работното време, итн. за да бидете сигурни дека сте подготвени да посветите соодветно време на грижата за детето и да ги споделите домашните обврски со вашиот партнер.
- Станувањето татко може на почетокот да ви изгледа тешко и да ви изгледа дека тоа тешко се учи. Можеби чувствувате дека вашиот партнер има сè под контрола, додека вие не. Запомнете дека сите татковци имаат вродена способност да се врзат со своето дете и да го негуваат, а родителското искуство е многу вредно и за детето и за родителот.
- Татковците и машките негуватели треба да бидат охрабрени да учествуваат целосно во грижата за децата уште од раѓање и да бидат охрабрени да се вклучат во сите активности, вклучително и во помош со хранење, играње, капење, примена на кенгур метода, итн. Кенгур-методата е позната како родителски контакт кожа на кожа, особено за новороденчиња, и докажано има здравствени придобивки за децата. Физичкиот допир го прави вашето бебе да се чувствува безбедно и сигурно и гради доверба и поврзаност со вас и го стимулира развојот на мозокот на вашето бебе
- Здравствените работници и системи треба активно да го охрабруваат учеството на татковците за време на здравствените прегледи на децата, имунизација, итн.
- Обезбедете обука и поддршка на родителите (на пример, групи на татковци), со цел создавање погодна средина за татковците и машките негуватели да развиваат вештини и да се чувствуваат психолошки поддржани
- Поминете време сами со вашето бебе: тоа ви дава најдобра можност за поврзување и градење врска, истовремено зголемувајќи ја самодовербата на вашето дете.
- Често разговарајте со вашите деца, раскажувајте приказни, пејте и поттикнувајте двонасочна комуникација
- Научете ги знаците на децата преку нивното однесување и говорот на телото, на пример, плачот на бебето може да звучи различно кога е гладно и кога е уморно.
- Поддржете ги партнерките во доењето, разбирајќи дека тоа честопати може да биде предизвикувачко и исцрпувачко во текот на првите неколку месеци по раѓањето, на пример, охрабрувајте ги, држете го бебето помеѓу хранењето, нахранете го бебето со шише доколку е потребно, итн.