За нас

За нас

УНИЦЕФ е присутен во над 150 земји и територии за да им помогне на децата да преживеат и да напредуваат, од раното детство до адолесценцијата.

Работата на УНИЦЕФ на ран детски развој во Европа и Централна Азија (ЕЦА) потврдува дека на секое дете кое расте му е потребна грижлива нега, добро здравје, оптимална исхрана, и стимулативна и безбедна средина која нуди многу поддршка за рано учење. За да обезбедат најдобар почеток за своите деца, на сите семејства им треба некаква поддршка. Ранливите семејства соочени со дополнителни предизвици како што се сиромаштија, попреченост или социјална исклученост, имаат потреба од поголема помош од другите, и тие се во фокусот на нашето внимание.

Знаејќи дека родителите и старателите се главните даватели на грижлива нега за малите деца, УНИЦЕФ во своите програми дава приоритет на градење родителска умешност и поддршка за благосостојбата на родителите. 

Bebbo

За апликацијата

Апликацијата Bebbo е развиена од Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија врз основа на апликацијата „HaloBeba“ како прототип развиен од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Србија, во тесна соработка со белградскиот Градски завод за јавно здравје и Нордеус.

Содржините во апликацијата прилагодена за употреба во Северна Македонија се изработени во соработка со Министерство за здравство, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика и Институтот за јавно здравје, а со поддршка од Европската Унија.

Bebbo е апликација која поддржува одговорно, позитивно родителство. Нејзината цел е да обезбеди сеопфатни информации за раниот детски развој и родителската грижа во формат погоден за родителите. Исто така, Bebbo поддржува ширење пораки и информации поврзани со превенција и заштита од КОВИД-19 за децата.

Апликацијата може да ја користат и давателите на услуги како ресурс при работата со родителите, но и како алатка за градење доверливи односи и партнерство заради добробитта на малите деца.

Апликацијата е развиена со цел да ги поддржи родителите да се вклучат во развојно стимулирачки практики преку игри и активности со своите деца и ќе им помогне да го следат растот, развојот и здравствениот статус на детето.

Апликацијата содржи богата содржина со статии и видеа групирани под тематските категории на:

  • Игра и учење
  • Исхрана и доење
  • Одговорно родителство
  • Безбедност и заштита
  • Здравје и благосостојба
  • Родителска благосостојба

Апликацијата ги користи информациите за датумот на раѓање, полот и другите информации за детето внесени од родителот, со цел да препорача погодна содржина и насочување по мерка.

Некои содржини во оваа апликација се адаптирани и преведени со дозвола од Мрежата за воспитување деца Австралија (Raising Children Network Australia) (Raising Children Network), Коалицијата Вистинска игра (Real Play Coalition) (https://www.realplaycoalition.com) и Афинидата (Afinidata) (https://afinidata.com/en/home/).

Апликацијата ќе бара интернет-конекција за да ја преземе содржината и да прикаже медиумска содржина.

Апликацијата може да работи и во офлајн-режим во средини со ограничена интернет-конекција. Предуслов за тоа е корисникот претходно барем еднаш да бил онлајн кога ја преземал апликацијата и се најавил во неа. Корисникот може преку подесувањата во апликацијата да избере да презема содржини конкретно за моменталната возраст на своето дете или да ја преземе целата содржина за да може да ја користи во целосно офлајн-режим.