Блокиран солзен канал
Блокиран солзен канал
Солзите течат од окото кон носот низ тесни канали наречени солзни канали.
Блокирање на солзен канал обично настанува кога мембраната во долниот крај на солзниот канал во близина на носот бавно се отвора по раѓањето на бебето. Така се создава блокада. Иако блокадата е обично присутна од раѓање, можеби нема да биде очигледна додека вашето бебе не стигне до возраст од околу еден месец.
Блокирани солзни канали се вообичаени. Околу 1 од 20 бебиња се раѓаат со блокада на едниот или двата солзни канали.
Симптоми на блокиран солзен канал
Ако вашето бебе има блокиран солзен канал, окото ќе му биде влажно многу често. Кога ќе се разбуди, може да има и исцедок од окото. Можеби ќе слушнете или прочитате за овие симптоми како „насолзени очи“ или „лепливи очи“.
Освен солзењето и лепливиот исцедок, окото на вашето бебе е сосема нормално.
Ретко, ткивата околу солзниот канал се инфицираат. Ако дојде до инфекција, ќе забележите како црвенилото се шири околу очниот капак на вашето бебе или пак ќе забележите зелен исцедок од окото.
Дали вашето бебе треба да посети лекар за блокиран солзен канал?
Треба да посетите лекар доколку:
- окото или очите на вашето бебе изгледаат црвено
- вашето бебе има тврда грутка на внатрешната страна на очните капаци или очните капаци се црвени и отечени
- забележувате други симптоми како чувствителност на светлина или вашето бебе постојано ги стиска очите
- има зеленкаст исцедок од окото на вашето бебе
- солзниот канал е блокиран и откако вашето дете ќе наполни една година.
Третман за блокиран солзен канал
Запушениот солзен канал обично се подобрува сам по себе, кога се отвора мембраната во солзниот канал. Ова обично се случува кога вашето бебе ќе наполни една година.
Лекарот може да ви покаже како да ја масирате внатрешноста на окото на вашето бебе за да го испразните солзниот канал од лепливиот исцедок.
Ако вашето бебе има инфекција, лекарот може да ви препише капки за очи кои содржат антибиотици.
Ако солзниот канал е блокиран дури и откако вашето дете ќе наполни една година, лекарот може да ве упати на специјалист. Специјалистот може да препорача процедура со користење на фина сонда под општа анестезија за да се отвори каналот.