Церебрална парализа

Децата со церебрална парализа можат да имаат проблеми како мускулна слабост, вкочанетост, непријатност, бавност и тресење, како и тешкотии со рамнотежата. Некои деца имаат благи симптоми и можат да одат и да комуницираат добро. Други треба да користат инвалидска количка и имаат тешкотии да прават секојдневни работи. Добивањето јасна дијагноза на церебрална парализа пред 12 месеци може да биде тешко и да трае долго време. Услугите за рана интервенција можат да ги подобрат резултатите и квалитетот на животот на вашето дете.
Body

    Што е церебрална парализа?

    Церебралната парализа (ЦП) е попреченост која влијае на способноста на детето да ги контролира неговите мускули.

    Децата со церебрална парализа можат да имаат проблеми како мускулна слабост, вкочанетост, непријатност, бавност и тресење. Тие исто така може да имаат потешкотии со рамнотежата.

    Причини за церебрална парализа

    Церебралната парализа може да се случи кога има оштетување на мозокот или има проблеми со развојот на мозокот во деловите на мозокот кои ги контролираат движењата на мускулите.

    Оштетување или проблеми со развојот на мозокот може да се случи кога:

    • мозокот на детето не се развива правилно за време на бременоста
    • бебето се раѓа предвреме и мозокот не е целосно развиен
    • мајката е изложена на одредени вируси за време на бременоста
    • бебето не добива доволно кислород за време на раѓањето
    • бебето има мозочен удар за време на бременоста или по раѓањето
    • бебето добива тешка инфекција на мозокот кратко време по раѓањето
    • детето доживува одредени видови повреди во текот на раните години од животот — на пример, сериозна несреќа со моторно возило.

     

    Видови на церебрална парализа

    Постојат три различни видови на церебрална парализа.

    Спастична церебрална парализа
    Децата со овој тип на церебрална парализа имаат цврсти, затегнати мускули. 

    Дискинетичка церебрална парализа
    Децата со овој тип имаат многу неволно извртување и повторувачки движења. Овие вртења и движења можат да се јават на било кој дел од телото и се полоши кога децата прават работи како пиење од чаша или при разговор. Овие движења може да им отежнат на децата да седат, стојат, дофаќаат или држат предмети.

    Атаксична церебрална парализа
    Децата со овој тип имаат нестабилни движења или се тресат. Тие, исто така, имаат проблеми со рамнотежата и можат да одат со раширени нозе, за да одржуваат рамнотежа.

    Повеќето деца со церебрална парализа всушност имаат комбинација од два или повеќе од овие видови на церебрална парализа.

    Симптоми и ефекти на церебрална парализа

    Секое дете со церебрална парализа има поинаква комбинација на симптоми.

    Некои деца имаат доста благи симптоми и можат да одат добро и да комуницираат добро. Децата со тешка церебрална парализа треба да користат инвалидска количка барем некое време. На околу една третина од децата со церебрална парализа им е потребна дополнителна помош да се движат, а една четвртина не можат да зборуваат.

    Ефектите на церебралната парализа може да бидат различни кај различни деца.

    Бебиња
    Бебињата со церебрална парализа може да имаат:

    • проблеми со хранењето
    • забавен или одложен развој 
    • нееднакви движења на телото - на пример, тие може воопшто да не ја движат едната рака 
    • слаба контрола на мускулите
    • низок мускулен тонус
    • мускулни грчеви или вкочанетост кога се обиддуваат да се движат или дофаќаат предмети.

    Оштетувањето на мозокот кај бебињата со церебрална парализа нема да се влоши. Но, може да им стане потешко да управуваат со нивните тела додека растат. На пример, може да им биде тешко да продолжат да одат откако нагло ќе пораснат во тинејџерските години.

    Деца
    Најчестите проблеми кај децата со церебрална парализа се:

    • Движење
    • хранење
    • болка
    • сон
    • комуникација

    Други проблеми може да вклучуваат:

    • интелектуална попреченост или пречки во учењето кај околу 45% од децата
    • тешкотии во однесувањето
    • оштетување на видот
    • оштетување на слухот

    Други здравствени проблеми
    Многу деца со церебрална парализа, исто така, доживуваат и други здравствени проблеми, вклучувајќи гастро-езофагеален рефлукс, запек, епилепсија, ортопедски проблеми и чести инфекции на белите дробови.

    Вие најдобро го познавате вашето дете. Ако сте загрижени за тоа како вашето бебе или дете се развива, верувајте си на инстинктите и разговарајте со патронажна сестра, вашиот матичен лекар или педијатар.

    Дијагноза и тестови за церебрална парализа

    Церебралната парализа е комплексна попреченост и добивањето јасна дијагноза пред 12 месеци не е секогаш лесно. 

    За да се дијагностицира церебрална парализа, лекарот ќе ја разгледа целосната медицинска историја и темелно ќе го прегледа вашето дете, а можеби и ќе ве упати кај неколку специјалисти и дополнителни тестови за да ги исклучи другите причини.

    Услуги за рана интервенција за деца со церебрална парализа

    Иако нема лек за церебрална парализа, раната интервенција може да ги ублажи симптомите на вашето дете, да ги подобри неговите исходи и да му помогне да го достигне својот целосен потенцијал.

    Преку услуги за рана интервенција, можете да работите со здравствените работници за да ги одберете опциите за третман и интервенција кои најдобро ќе одговараат на вашето дете.

    Тимот на професионалци вклучени во поддршката може да вклучува педијатри, физиотерапевти, логопеди, професионални терапевти, наставници за специјално образование и, исто така, социјален работник за можна финансиска помош.

    Грижа за себе и вашето семејство

    Иако е нормално да бидете целсно преокупирани со грижа за вашето дете, многу е важно да се грижите и за сопственото здравје. Ако се чувствувате физички и ментално добро, ќе бидете поспособни да се грижите за вашето дете.

    Зборување со други родители може да биде одличен начин да добиете поддршка. Можете да се поврзете со други родители во слични ситуации со приклучување на групи за поддршка.

    Ако имате други деца, тие треба да чувствуваат дека се исто толку важни - дека се грижите за нив и низ тоа што минуваат. Важно е да разговарате со нив, да поминувате време со нив и да ја пронајдете вистинската поддршка за нив.