Детето се изгоре - што да правам?

Кожата на децата е потенка од онаа на возрасните, па дури и краток контакт со топол предмет или течност може да предизвика подлабоки изгореници или да зафати поголема површина на кожата, а последиците може да бидат потешки и закрепнувањето подолго. Соодветно на тоа, мора брзо да реагирате за да спречите компликации.
Body

Прво отстранете ја причината за повредата (извор на топлина)!

Оладете ја повредената област!

  • Изладете помала изгореница со проток на ладна вода или потопување во ладна вода најмалку 10-20 минути, а потоа, доколку е потребно, побарајте медицинска помош.
  • Можете да ставите ладни облоги над изгорениците, по можност влажна стерилна газа (30-45 мин), но не мраз! Изладете ја површината на изгорениците додека болката не престане.

Отстранете ја облеката и накитот!

Отстранете ја целата облека и накит од изгорената површина што е можно поскоро. Отстранувањето облека и накит е важно, бидејќи тие дополнително можат да ја задржат топлината на кожата и да го ограничат протокот на крв во изгорената област, ако има оток на погодениот дел од телото. Никогаш насилно не отстранувајте облека што е залепена на изгорената кожа, бидејќи може да предизвикате дополнителна повреда; наместо тоа, исечете го материјалот околу раната или искинете го на рабовите.

Покријте го изгореното! 

Нежно покријте го изгорениот дел со стерилна газа или чиста крпа за да спречите инфекција.

Олеснете ја болката!

Според возраста на детето, можете да му дадете лекови против болки (парацетамол или ибупрофен, во доза според неговата возраст), детално следејќи ги упатствата на производителот. Ако детето претходно не ги земало овие лекови, задолжително консултирајте се со вашиот педијатар поради можноста за алергиска реакција.

Ако детето е во несвест и не покажува знаци на живот, потребно е веднаш да се започне со кардиопулмонална реанимација и што е можно поскоро да се повика итна медицинска помош (194).

Што да не се прави?

  • Не потопувајте ги бебињата и малите деца со поголеми изгореници во ладна вода, бидејќи може да добијат хипотермија, а големите изгорени површини не смеат да се ладат повеќе од 5 минути!
  • Не ставајте масло, путер или друга маст на изгореници!
  • Не ги тријте изгорениците, бидејќи тоа може да ја влоши повредата.
  • Никогаш не допирајте ги изгорениците и не ги дупнувајте плускавците!
  • Никогаш не му викајте на детето и не го карајте!
  • Не паничете, бидејќи ова уште повеќе ќе го исплаши детето!

Внимавајте

  • Изгореници од прв степен (поблаги изгореници кои изгледаат како изгореници од сонце и покриваат мала површина на кожата) може да се третираат дома.
  • Поголемите и потешките изгореници (изгореници од втор и трет степен) бараат итна медицинска помош!
  • Во случај на изгореници кај бебе или мало дете, консултирајте се со вашиот педијатар!