Емоционална (психолошка) злоупотреба на деца

Емоционалната злоупотреба е непријателско однесување кон детето од страна на родител или друго лице кое се грижи за детето
Body

Форми на емоционална злоупотреба на деца:

  1. Отфрлање на детето - родителот се однесува како детето да не постои или постојано го занемарува.
  2. Деградација или девалвација - родителот постојано го критикува, понижува, омаловажува, навредува, исмева и срами детето.
  3. Тероризам - родителот вербално го тероризира детето со закана дека ќе го напушти, ќе го исфрли од дома, ќе го повреди, ќе му ги одземе работите, ќе му направи нешто лошо на неговото милениче.
  4. Изолација - родителот го изолира детето од нормални социјални искуства, од контакт со семејството, му забранува да се дружи со врсниците.
  5. Поддржување на несоодветно однесување или таканаречено„расипување на детето“ - родителот го наведува детето на различни  форми на насилно, социјално неприфатливо, деструктивно и асоцијално однесување.
  6. Експлоатација - родителот го експлоатира детето со цел да ги задоволи неговите потреби, го принудува да прави несоодветни работи или работи кои не одговараат со развојната фаза на детето.
  7. Лишување од емоционална размена, достапност или суштинска стимулација - на родителите им недостасува емоционална топлина во однос на детето.
  8. Несигурно и неконзистентно родителство - родителот има нејасни или амбивалентни барања од детето, лишувајќи го од чувството за стабилност во семејството.

Како да препознаете дете кое е емотивно злоупотребено?

Физички показатели за емоционална злоупотреба се заостанување во растот и развојот на детето, мокрење и дефекација во гаќи, трескање на главата, гризење, нарушувања на спиењето и главоболки. Ако забележите невообичаени емоционални реакции кај детето, како што се фобии, хипохондрија, опсесија, екстреми во однесувањето, вознемиреност, несоодветно „старо“ однесување или инфантилно однесување, ненадејни промени во изгледот на детето или успех во училиште, тоа може да биде показател за емоционално злоупотребено дете. Депресијата, обидите за самоубиство и напуштањето на семејната средина од страна на детето, исто така, може да укажуваат на оваа форма на злоупотреба.