Физичка злоупотреба на деца
Примери за физичка злоупотреба се: удирање шлаканици, клоцање, тресење (најчесто кај доенчиња), стискање на вратот, фрлање, труење, горење, истурање топла течност или потопување делови од телото во топла течност, изложување на детето на жешка пареа, врзување на детето, напад со оружје, оставање мало дете само во автомобилот итн.
Највообичаена форма на физичка злоупотреба извршена од возрасните е физичкото казнување на детето како дисциплинска мерка во процесот на „воспитување на детето“. Физичкото казнување е многу опасно за децата, тоа е значајна причина за смрт на децата и фактор за поттикнување на насилно однесување и други нарушувања во однесувањето кај децата.
Како да препознаете дете кое било физички малтретирано?
Физичкото насилство не мора нужно да предизвика телесна повреда на децата, ниту повредите секогаш мора да бидат видливи. Ако забележите модринки со различен степен на заздравување (на невообичаени места како што се лицето, бутовите, потколениците, грбот, стомакот, тилот, итн.), изгореници, скршени коски, исекотини, гребнатини, искината коса, може да станува збор за дете кое е физички малтретирано. Ако детето е невообичаено претпазливо во контакт со возрасните, премногу ги задоволува возрасните, е срамежливо, повлечено или хиперактивно, тешко воспоставува односи со врсниците, има слаби социјални, когнитивни и јазични вештини, покажува тенденција да ги решава проблемите со агресија, покажува лутина без причина, повторно може да станува збор за дете кое е физички малтретирано.
Доколку сте заинтересирани да научите повеќе, погледнете го видеото: https://www.youtube.com/watch?v=Nc9SY3Fde_o