Габички (кандидијаза)

Габична инфекција или кандидијаза е болест која најчесто се јавува во устата на детето. Тоа е вообичаено во првата година од животот и обично не е причина за загриженост.
Body

Габичната инфекција е предизвикана од габата Candida albicans. Сите ние ја имаме оваа габа во нашите тела, затоа што таа живее во рамнотежа со другите микроорганизми. Кога оваа рамнотежа е нарушена, се јавува инфекција.

Вашето бебе може да се зарази со цицање предмети што ја содржат габата, како што се шишиња со цуцла, цуцла, играчки, како и вашите брадавици. Повеќето бебиња родени природно се среќаваат со кандида при раѓање, бидејќи таа е нормално присутна во мала количина во вагината.

Понекогаш антибиотскиот третман што му се дава на детето може да доведе до појава на габична инфекција.

Знаци на инфекција

  • Бебето има бели дамки во внатрешноста на усната шуплина или осип во делот каде е ставена пелена
  • Бебето обично нема симптоми; ако габичната инфекција се шири, може да одбие доење или храна поради иритација; лачењето на плунка е исто така зголемено
  • Ако имате инфекција - заразените брадавици може да изгледаат нормално или да бидат црвени и иритирани
  • Инфекцијата на брадавиците е придружена со чувство на длабока убодна болка и забележувате дека брадавиците ви „горат“ или „боцкаат“ после доењето

Промените прво се случуваат на јазикот на бебето; и за разлика од остатокот од млеко, тие не можат лесно да се отстранат. Ако инфекцијата се шири во внатрешноста на образите и усните, може да се видат мали бели дамки (како да се попрскани со гриз).

Третман за мајката

  • По совет на лекар, користете антигабични лекови
  • По секое доење, измијте ги брадавиците со топла вода, исушете ги на воздух и изложете ги на сонце
  • Пред секое доење, избришете ги брадавиците со раствор од сода бикарбона
  • Измијте ги рацете пред и после доење и менување пелена на бебето
  • Носете памучни градници што можете да ги перете во машина на 95 ° C
  • Не користете влошки за брадавици, бидејќи габите „сакаат“ влажна средина

Третман за бебиња

  • По совет на лекар, користете антигабични лекови (капки или орален гел). Се нанесува после јадење, 10 дена
  • Внимателно отстранете ги наслагите од устата на бебето со раствор од сода бикарбона (1 лажичка на 100 мл зовриена и изладена вода), со тоа што ќе ја завиткате газата околу прстот, ќе ја потопите во растворот и нежно ќе го пребришете јазикот, непцата и внатрешноста на образите на бебето половина час до еден час пред оброк

Додека бебето цица, инфекцијата се пренесува од устата на брадавицата (и обратно), па затоа е важно да се третираат и мајката и бебето.

Како да се спречи појава на габична инфекција

  • Стерилизирајте ги цуцлите за шишиња, штитниците за брадавици, лажици со кои го храните бебето
  • Измијте ги играчките што детето ги става во устата
  • Измијте ги рацете пред и после доење и менување на пелена
  • Ако вашето бебе има осип на местото каде носи пелена, третирајте го

Однесете го детето на лекар ако габичната инфекција се шири во устата, ако бебето одбие да цица или да јаде друга храна, ако има треска или ако инфекцијата постојано се повторува. Побарајте медицински совет ако чувствувате постојана болка во форма на горење или пецкање во брадавиците или длабока, убодна болка во градите.