Гледање и играње заедно
Потребни материјали: Неколку интересни, безбедни играчки или материјали од дома или од надвор
Што можете да направите заедно: На оваа возраст, вашето дете веројатно станува се позаинтересирано да биде со други деца. Вашето дете можеби не е подготвено да учествува со други во комплицирани игри, но може да ужива да си игра со друго дете, да гледа што прави тоа дете или само да бидат заедно. За да го поттикнете, доколку е тоа можно, најдете друго дете на иста возраст во соседството или можеби во парк. Доколку тоа не е можно, соиграчи можат да бидат братот или сестрата.
Натерајте го вашето дете да се заигра со другото дете, со неколку играчки во близина (доволно за да можат и двете деца да ги користат). Може да му дадете на секое дете по неколку играчки и да кажете нешто како: „Види! Може да си играте со овие. Гледај, твоето другарче ја треска лажицата во тавата. Што можеш ти да направиш?" Децата можат да прават многу работи, веројатно не заедно, но ќе можете да видите дека се многу свесни и заинтересирани едни за други. Помогнете им да уживаат во опуштено играње на начин на кој тие сакаат. Набљудувајте ги за да се уверите дека се безбедни и обезбедете дополнителни играчки или покажете им како може да се користи некој предмет.
Што учи вашето дете: Ова се нарекува „паралелно играње“ - кога многу мали деца почнуваат да играат едни до други, но главно секое дете си ја прави својата работа. Тие учат гледајќи ги другите, а понекогаш и копирајќи го она што го прави нивното другарче. Ова е само почеток на соработка и пријателство, што ќе биде многу важно во подоцнежните години.