Играње на под

Потребни материјали:  Подна подлога или ќебе, омилени играчки, тропалки.  

Што можете да направите заедно: Поставете го бебето така што ќе можете да ги допирате неговите стапала. Нежно играјте со неговите нозе и прсти и нежно скокоткајте го. Допирајте ги прстите на бебето еден по еден и истовремено кажете: „Овој прст е… мал палец / прст на мама / прст на тато“ за секој прст. Додека бебето е на грб, ставете играчка на навивање која произведува звук (ако имате) покрај или зад бебето. Проверете дали бебето го бара изворот на звукот.  Или нежно тропајте со тропалка и проверете дали бебето го следи тоа.

На мека рамна површина, на креветот или ќебето, додека лежи на грб, нежно допрете или масирајте ги рацете и прстите на бебето додека разговарате со него - на пример: „еве ти ја раката; еве ти ги прстите“, зборувајќи му што правите. Или, пак, би можеле да му пеете нежна песна додека му ги галите рацете.  Друга идеја е да користите едноставна играчка што ќе ја поставите каде што бебето може да ја види, но која што не може да ја дофати.  Дали се обидува да ја дофати?  Може да ја преместите играчката откако бебето ќе ја погледне.  Како што бебето расте, можете да му помогнете да се преврти за да посегне по играчката.

Има толку многу идеи за „игри на под“ додека вашето бебе расте!  Ставете ќебе или крпа на тепихот, ставете го бебето на стомак така што главата ќе му биде свртена на едната страна. Легнете покрај бебето за да го охрабрите. Бебето може да остане во оваа положба сè додека му се допаѓа, но забележете дали неговата глава е свртена кон левата и десната страна приближно исто време. Повторно, можете да ги ставите омилените играчки или предмети пред бебето, но така што тие ќе бидат само малку надвор од дофатот на бебето. Како што вашето бебе расте, поттикнувајте го бебето да се обидува да ги дофати и да се движи во нивна насока.

„Време на стомак“ е важно за физичкиот развој.  Бидете сигурни дека времето што вашето бебе го поминува на стомак е малку подолго секој ден. Набљудувајте го вашето бебе, за да можете нежно да го поместите доколку го сврти лицето директно на подот, бидејќи тоа може да го отежни дишењето. Како што тоа станува се посилно со текот на времето, ќе може да ја крене главата и да се крене малку со туркање со рацете. Овие движења подоцна ќе прераснат во тркалање и ползење.

Што учи вашето дете:  Ова се одлични можности да користите едноставни игри за да создадете позитивно, пријатно опкружување за вашето дете. За време на овие игри, вашето дете учи да ги истражува и контролира движењата на своето тело и глава. Бебето може да ја крене главата и да се задржи на рацете.