Инфлуенца (грип)

Симптомите на грип вклучуваат течење на носот, кашлица, болки во грлото, треска и болки во мускулите. Симптомите на грип може да ги лекувате дома со одмарање, течности и парацетамол. Посетете го вашиот матичен лекар или педијатар доколку симптомите на вашето дете не се подобрат или ако детето се чувствува многу лошо. За да спречите ширење на грипот, измијте ги рацете, покријте го при кашлање и ваквицинирајте го вашето дете, доколку тоа е препорачано.
Body

За ифлуенца или грип

Инфлуенца (или грип) се предизвикани од вирус. Постојат многу различни видови на вируси на грип. Најчести се видовите А и Б.

Вирусите на грип постојано се менуваат. Поради оваа причина, може да се разболите од грип повеќе пати.

Грипот се јавува најчесто во зима. Повремено, вирусот станува се пошироко распространет и предизвикува „епидемија“. Епидемија е необично често појавување на некоја болест во една популација што значи повеќе луѓе од нормално се заболуваат од грип.

Грипот е многу заразен и лесно се шири од заболените при кашлање и кивање. Исто така, вирусот може да живее и на раце и предмети кои биле во контакт со устата или носот на болно лице. 

Симптоми на грип

Симптомите на грип вклучуваат течење на носот, болки во грлото, кашлица, треска, главоболка и болки во мускулите. Детето може да се тресе, а исто така да чувствува дека му е многу топло или многу студено.

Грипот повремено може да предизвика гадење, повраќање и дијареа.

Грипот обично трае 2-5 дена, иако уморот и кашлицата може да се присутни уште неколку недели.

Многу луѓе велат дека имаат грип, а всушност имаат настинка. Тоа е така бидејќи тешко е да се разликуваат симптомите. Кај луѓето со грип почести се болки во мускулите и треска. 

Компликации од грип

Грипот обично е доста благ кај децата, но може да предизвика компликации. Овие компликации понекогаш можат да бидат многу сериозни.

Најчеста компликација на грипот е пневмонија. Детето со пневмонија делува болно, изнемоштено, и може да дише забрзано и потешко од нормалното.

Грипот може да биде посериозен кај деца со долгорочни (хронични) медицински проблеми, бремени жени и други возрасни, особено постари лица.

За деца со астма, грипот може да предизвика симптоми или тежок напад на астма. 

Дали вашето дете треба да посети лекар за грип?

Треба да го однесете детето кај матичен лекар или педијатар доколку детето:

  • не може или не сака да пие течности
  • често повраќа
  • не покажува подобрување во рок од 48 часа
  • загрижени сте дека вашето дете не е добро.

Треба да повикате брза помош или да одите во болница за итни случаи, ако вашето дете:

  • има интензивна главоболка
  • е бледо и поспано
  • дише побрзо или потешко од нормалното.

Третман на грип

Во повеќето случаи нема потреба од специјален третман за грип. Во тешки случаи и кај деца со хронични заболувања, лекарот може да препише специјален лек против грип наречен тамифлу за да го забави напредокот на болеста.

Се што можете да направите за грип е да ги лекувате симптомите и да се обидете да ја подобрите состојбата на вашето дете:

  • Дајте му на вашето дете парацетамол или ибупрофен по потреба во препорачани дози. Ова може да помогне ако вашето дете има болки или треска и се чувствува неудобно.
  • Охрабрете го вашето дете да пие многу течности за да не дехидрира. Топлите пијалоци можат да ја ублажат болката во грлото и сувата уста.
  • Нема потреба вашето дете да остане во кревет. Дозволете му на детето само да одлучи колку сака да биде активно.
  • Не го присилувајте детето да јаде. Веројатно нема да биде гладно, но неговиот апетит ќе се подобри кога ќе почне да се чувствува подобро.

Треба да избегнувате:

  • лекови за кашлица - вашето дете кашла затоа што неговите дишни патишта се иритирани или има многу слуз, а лековите за кашлица нема да помогнат во ниту едно од овие проблеми
  • лековите за одзатнување на носот (деконгестиви) имаат несакани ефекти како забрзан пулс, нервоза и несоница и не можат да помогнат при грип
  • антибиотици - грипот е предизвикан од вирус, така што антибиотиците нема да помогнат, па дури и можат да предизвикаат стомачни тегоби и дијареа.

Нема потреба да се држите подалеку од млечни производи - тие не создаваат дополнителна слуз.

Не му давајте на вашето дете или тинејџер аспирин или лекови што содржат аспирин (ацетил салицилна киселина). Аспиринот може да го направи вашето дете подложно на Рејевиот синдром, ретка, но потенцијално фатална болест.

Превенција од грип

Најдобар начин да избегнете грип е редовно миење на рацете со топла вода и сапун. Исто така, обидете се да ги држите рацете подалеку од очите, носот и устата. 

Охрабрете ги членовите на семејството да ги покријат устите со марамче, ракав или лакт при кашлање. Исто така, поттикнете ги сите да ги мијат рацете по кашлање и кивање. 

За да ја минимизирате шансата да го пренесе грипот на вашето дете на други луѓе, држете го вашето дете подалеку од места за грижа на деца, градинки или училиште додека е болно.

Имунизација

Имунизацијата против грип е безбедна и ја намалува шансата вашето дете да се разболи од грип, и се препорачува сите деца над шест месеци да бидат имунизирани против грип секоја година.