Исчашувања, истегнување, дислокации, фрактури

Превенцијата од повреди на мускулите и мускулно -скелетниот систем е важна поради нивната висока фреквенција и вклучува безбеден престој на детето во куќата, на игралиште, во возило, употреба на заштитна опрема за време на спортски и рекреативни активности, како и избегнување на прекумерен напор.
Body

Најчестите знаци и симптоми на повреди на мускулите, коските или зглобовите се:

  • болка и непријатност што се засилуваат при движење;
  • оток на местото на повредата;
  • облик на зглоб или коска што отстапува од нормалното;
  • неприродна положба на повредениот дел од телото;
  • неможност за користење или поместување на повредениот дел од телото;
  • повредениот дел од телото е ладен и нечувствителен.

Што да направите ако детето се повреди?

  • Обидете се да го утешите детето и кажете му да не се движи.
  • Имобилизирајте го повредениот дел од телото во положбата во која е пронајден - можете да го поддржите со нешто меко (перница, итн.) или да го држите со раката.
  • Обезбедете го повредениот дел од телото со шина само кога треба да го преместите детето поради непосредна опасност или состојба која бара итен транспорт до медицинска установа.
  • Ако кожата не е оштетена, ставете пластична кеса или крпа со мраз на повредениот дел од телото и чувајте ја најмалку 20 минути. (Можете да ги нанесувате овие облоги секој час во текот на следните 48 часа и да ги чувате околу 20 минути.)
  • Чувајте го повредениот дел од телото на ниво на срцето или подигнете го малку, но само ако ова движење не предизвикува дополнителна болка кај детето.

Што да не се прави?

  • Не мрдајте и не се обидувајте да го наместите повредениот дел од телото, бидејќи тоа може да ги оштети крвните садови и нервите!
  • Не ставајте мраз директно на кожата!

Кога да повикате брза помош?

  • Ако се повредени бутната коска или карлицата 
  • Ако делот од телото под повредата е вкочанет, блед, модар или студен
  • Ако има отворена фрактура на коските (искршена коска која излегува од кожата)
  • Ако не можете безбедно да го преместите детето

Ако детето е во несвест и не покажува знаци на живот, потребно е веднаш да се започне со кардиопулмонална реанимација и што е можно поскоро да се повика итна медицинска помош (194).