Истражувајте и пронаоѓајте играчки
Потребни материјали: Сите омилени играчки, пелени, шал, крпа, платнена торба или торбичка, мали пластични шишиња и мали предмети.
Што можете да направите заедно: Играјте криење на предмети. Дозволете му на вашето бебе да ве види како го криете предметот под ќебе, крпа или перница. Ако бебето не започне да го бара скриениот предмет, следниот пат покријте го делумно. Помогнете му на бебето да го најде предметот.
Лабаво завиткајте мала играчка во крпа или салфетка (не користете селотејп). Детето може да го одвитка пакетот и да најде изненадување. Може да користите и друга мека хартија или хартија за завиткување со весели бои што шумолат. Играчката може да ја завиткате и во тенка салфетка, крпа или пелена. Друга идеја е да направите торба со изненадување што детето ќе ја најде наутро. Наполнете хартиена кеса или платнена торба со предмети што ги имате: кадифена играчка, нешто што испушта звук, мала пластична тегла со капаче со завртка или книга со картонски страници. Поттикнете го вашето бебе да ја истражува „магичната торба“. Бидете сигурни дека предметите се безбедни и добро надгледувајте го.
Друга идеја е да играте „игри со преправање“ со мека играчка или кукла. Покажете и кажете му на детето што прави куклата (оди, спие, јаде, игра на маса). Користете зборови за да опишете што прави куклата, може да и дадете и глас на куклата - сè што е забавно за вас и вашето дете. Дајте му ја на детето таа играчка и видете дали ќе ја помести куклата и ќе го направи она што вие го правите. Може да се менувате ако вашето дете ужива во таа игра!
Децата сакаат да си играат со предмети што произведуваат звуци и прават бучава. Ако имате време и имате материјали, можете да направите покомплексно штракало со тоа што ќе нанижете метални нараквици доволно широки за да се стават на раката на бебето. Можете исто така да наполните мали пластични шишиња (со капаци што децата не можат да ги отворат) со предмети што звучат различно, на пр. џамлии, ориз, сол, зрна пченка, итн. Ако го направите ова, задолжително затворете ги капаците за безбедност и поттикнете го детето да ги истражува звуците.
Оваа активност можете да ја користите кога имате слободно време, искористете ја за едноставна игра со вашето дете. Ако има постари браќа и сестри, поттикнете ги да играат на сличен начин со најмладиот член на семејството.
Што учи вашето дете: вашето дете почнува да открива нови предмети и лица со допирање и играње со нив. Овие активности помагаат да се развијат нивните фини моторни и сензорни вештини.