Како да се создава повеќе млеко

Празнењето на дојките и создавањето млеко се поврзани. Ако дојката доволно не се испразни, ќе се намали и создавањето ново млеко. Кога бебето цица како што треба, обично се создава доволно млеко. Ако детето не исцицува доволно затоа што било предвремено родено, има мала тежина или е болно, дојките не добиваат доволно стимулација. Психолошките фактори, болката, стресот, недостатокот на поддршка од партнерот и семејството исто може да влијаат врз доењето.
Body

Празнењето на дојките и создавањето млеко се поврзани. Ако дојката доволно не се испразни, ќе се намали и создавањето ново млеко. Кога бебето цица како што треба, обично се создава доволно млеко. Ако детето не исцицува доволно затоа што било предвремено родено, има мала тежина или е болно, дојките не добиваат доволно стимулација. Психолошките фактори, болката, стресот, недостатокот на поддршка од партнерот и семејството исто може да влијаат врз доењето. 

 

Подобрете ја техниката на доење.

  • Доброто фаќање и прилепување на дојката му овозможуваат на бебето ефикасно да цица и да добива повеќе млеко.
  • На овој начин, дојките се стимулираат да произведуваат повеќе млеко и да ги задоволат потребите на бебето.
  • Некои деца добро напредуваат дури и кога прилепувањето не е оптимално, бидејќи мајката на почетокот има многу млеко. Ако бебето не ги стимулира дојките во доволна мера, во наредните месеци создавањето на млекото може да се намали. Тогаш вашето бебе ќе стане неспокојно додека е на градите, може сосема да одбие да цица или подоите може да станат многу кратки, бидејќи количеството на млеко не ги задоволува неговите потреби.
  • За да го спречите ова, уште од самиот почеток, обидете се да го подобрите фатот и прилепувањето на вашето бебе за дојката.

 

Помогнете му на бебето со истиснување на млекото.

Ова го подобрува протокот на млеко и му помага на бебето подолго да цица. Ако вашето бебе бргу заспива на градите, неговото добро поставување на дојката и потоа стискањето на дојката ќе го стимулира течењето на млекото. Бебето ќе почне да цица и ќе се разбуди кога млекото ќе му надојде. Стискајте ја дојката со палецот и прстите што подалеку од брадавицата; притисокот треба да биде доволно силен, но не и болен. Стискајте додека бебето цица, одморете се кога бебето одмара. Ако вашето бебе цица енергично и активно, нема потреба да го истиснувате млекото.

 

Хранете го бебето често и добро

  • Почесто дојте го бебето, од 8 до 12 пати, па и повеќе ако е потребно; не заборавајте го ноќното доење.
  • Не одредувајте интервали и должина на подоите, препуштете му го тоа на бебето.
  • Погрижете се бебето да е добро наместено.
  • Не чекајте градите да се „наполнат“ за бебето да цица. Секогаш има млеко за него, дури и кога тие изгледаат празно. Освен тоа, ако бебето цица почесто, не само што за неколку дена ќе се зголеми количеството млеко, туку и бебето ќе добие на тежина, бидејќи ќе јаде повеќе од задното млеко, кое е похранливо.
  • Подоите мора да бидат не само почести, туку и поефикасни. Бебе кое не е живнато и не цица ефикасно, туку заспива со брадавицата в уста, треба да се поттикне со контакт кожа на кожа, отповивање (секако во топла соба) или носење во кенгурка при доењето.
  • Додавањето чај или вештачко млеко може да го намали создавањето мајчино млеко.
  • Испразнете ги градите по доењето. При некои подои, бебето изедува сè и сака уште, а при некои не. Ова се случува во специфични случаи кога бебето е нервозно за нешто, кога му никнуваат заби, кога мајката го менува дезодорансот и слично. Кога бебето веќе не сака да цица, дури и по стимулација (контакт кожа на кожа, кенгурирање), испразнете ги градите по доењето со измолзување уште 2 минути откако ќе истече последната капка млеко.
  • Пијте многу течности. Не премногу, но доволно: околу една чаша при еден подој.
  • Одморајте се. Ова е особено можно ако често доите, па сте принудени често да седите или да лежите со бебето. Покрај доењето, добро би било да најдете нешто што психички ве релаксира, барем неколку минути дневно.
  • Следете ги советиве и почекајте ден-два. Можеби се чини долго време, но бидејќи методите се базираат на искуството од многу други мајки и врз најновите научни сознанија, нема причина да не верувате во успех. Опуштете се, уживајте со вашето бебе и верувајте во себе.

 

Криза на доење или криза на лактација

Има ситуации кога изгледа дека потребите на бебето го надминуваат она што може да го понудите. Ова особено се случува попладне/навечер или неколку дена при развојните скокови на бебето, т.е. при фазите со поголеми потреби за хранење. Тоа се нормални фази низ кои минуваат сите бебиња (некои порано, некои подоцна, со различен интензитет), обично на возраст од 2-3 недели, 6 недели или околу 3 месеци. Избегнете ја грешката да воведете замена или да се откажете од доењето! Периодите на такви зголемени потреби се стресни и за вас и за бебето, но бргу минуваат.

Ако мајката чувствува дека градите ѝ се празни или ако забележи дека се помали од претходните денови и недели, тоа не значи дека нема млеко!

Мислете и на себе:

  • Имате ли редовни оброци и пиете ли доволно течности?
  • Успевате ли да ја балансирате грижата за бебето со другите обврски?
  • Успевате ли да се опуштите и да се одморите во текот на денот?