Лекови за деца: водич
Лекови за деца
На децата им се потребни лекови специјално дизајнирани за нивната големина и нивните потреби. Некои лекови за возрасни не се соодветни за деца.
Ако не сте сигурни дали лекот е соодветен за вашето дете, прашајте го вашиот лекар или фармацевт. Препорачливо е да одите на лекар пред да му дадете лекови на бебе под шест месеци.
Секогаш кога му давате лекови на вашето дете, треба внимателно да ја проверите дозата.
Секогаш чувајте лекови надвор од дофатот на вашето дете и во оригиналното пакување.
Јавете се во итна медицинска помош ако мислите дека вашето дете случајно земало лекови или земало погрешна доза. Ако вашето дете престане да дише, ја губи свеста или има напади, веднаш повикајте брза помош.
Лекови за болка и треска: аспирин, парацетамол и ибупрофен
Аспирин
Не давајте аспирин на деца под 12 години, освен ако тоа не е пропишано од лекар.
Аспиринот може да го направи вашето дете подложно на Рејевиот синдром, многу ретка, но потенцијално фатална болест. Ако му давате на вашето дете лекови без рецепт, проверете кај вашиот фармацевт или лекар за да бидете сигурни дека нема аспирин.
Парацетамол
Можете да користите парацетамол за лекување на болка како главоболка, болки во стомакот, болки во увото, болки во грлото или фрактури.
Можете исто така да му дадете на вашето дете парацетамол ако има треска поради која се чувствува непријатно или лошо.
Парацетамол за деца има различни јачини и видови, затоа прочитајте ја етикетата и внимателно следете ги упатствата за дозирање, особено ако имате деца од различна возраст и тежина во домаќинството. Кога е можно, одредете ја дозата за вашето дете врз основа на неговата тежина, а не според неговата возраст.
Парацетамолот е безбеден ако на детето му ја дадете вистинската доза во кратки временски периоди. Но, предозирање со парацетамол може да биде опасно. Може дури и да предизвика откажување на црниот дроб во потешки случаи. Прашајте го вашиот лекар ако не сте сигурни за препорачаната доза за вашето дете.
Ибупрофен
Можете да користите ибупрофен наместо парацетамол за ублажување на болката и треската. Погоден е за деца над три месеци, но треба да избегнувате да го користите доколку вашето дете има тешка астма. Ибупрофен најдобро се зема со храна или откако детето ќе јаде.
Исто така, се препорачува да не користите ибуфпрофен ако вашето дете е дехидрирано бидејќи лекот може да предизвика повреда на бубрезите.
Секогаш следете ги упатствата на пакувањето кога му давате на вашето дете ибупрофен.
Услови во кои парацетамол и ибупрофен не можат да помогнат
Парацетамол и ибупрофен нема да помогнат за кашлица. Тие, исто така, нема да им помогнат на децата да спијат.
Парацетамол или ибупрофен се наоѓаат во многу лекови за кашлица и настинка без рецепт, затоа е важно внимателно да ги прочитате етикетите за да избегнете случајно предозирање.
Ако вашето дете има силни болки, особено пред да ја земе следната доза на лекови, во ред е да дадете парацетамол и ибупрофен. Можете да ги дадете заедно или во различно време, се додека ги следите упатствата за секој поединечен лек. Бидете сигурни да си запишете кога го давате секој лек за да не му дадете преголема доза.
Антибиотици
Антибиотиците имаат ефект само за инфекции предизвикани од бактерии - на пример, бактериска пневмонија, инфекции на уринарниот тракт, инфекции на средното уво и инфицирана рана.
Антибиотиците нема да имаат ефект кај вирусни инфекции како настинка или грип.
Неправилната употреба на антибиотици може да доведе до несакани ефекти како дијареа, дехидрација или алергиски реакции.
Вашиот лекар има на располагање многу различни антибиотици. Некои од нив се ефикасни само против одредени видови бактерии. Други се насочени кон широк спектар на бактерии и се нарекуваат антибиотици со широк спектар. Лекарот ќе се обиде да го избере вистинскиот антибиотик за борба против бактериите што го инфицираат вашето дете.
Лекарот може да предложи и други начини за лекување на симптомите на вашето дете пред да препише антибиотици. Најдобро е да не го притискате вашиот лекар за антибиотици ако лекарот смета дека не му се потребни на вашето дете .
Ако вашето дете треба да земе антибиотици, многу е важно да ја земе целата препишана доза, дури и ако изгледа подобро по неколку дена. Инфекцијата може да се врати една или две недели подоцна ако бактериите не исчезнат целосно од неговото тело.
Никогаш не користете стари, преостанати антибиотици за нови болести. И никогаш не давајте антибиотици на некого за кого не биле препишани - на пример, на друго дете во семејството.
Запомнете, прекумерната употреба и злоупотреба на антибиотици придонесува за развивање на отпорност на антибиотици. Спречувањето на непотребна употреба на антибиотици е важен дел за намалување на отпорноста на антибиотици.
Лекови за кашлица и настинка
Децата под шест години не треба да земаат лекови за кашлица и настинка, вклучително и спреј за одзатнување на носот.
Децата на возраст од 6-11 години треба да земаат лекови за кашлица и настинка само по совет на лекар. Ова вклучува и спрејови за одзатнување на нос.
Солените спрејови и капки за нос се безбедни опции за чистење на затнат нос за деца и бебиња.
Антихистаминици
Чешање, кивање, оток или осип може да бидат симптоми на алергија или треска. За да се запрат овие симптомисе користат лекови познати како антихистаминици.
Антихистаминиците понекогаш можат да предизвикаат сува уста, поспаност и болки во стомакот.
Антихистаминиците обично не се препорачуваат за долготрајна употреба, затоа проверете кај вашиот лекар пред да му ги дадете на вашето дете.
Антихистаминици и спиење
Антихистаминици, вклучително и прометазин, не се препорачуваат за помагање на децата да спијат, освен ако не ги користите под надзор на вашиот лекар. Овие лекови понекогаш предизвикуваат дневна поспаност, што може да влијае на способноста на вашето дете да учи.
Антихистаминиците исто така можат да имаат спротивен ефект, предизвикувајќи некои деца да станат хиперактивни. Ова може да ги влоши сите проблеми со спиењето.
Лекови кои треба да се избегнуваат
Размислете многу внимателно пред да му дадете на вашето дете лекови што не ги препишал лекар.
Лекови против гадење
Не му давајте на вашето дете лекови против гадење и повраќање, освен ако лекарот посебно не ви го каже тоа. Обично повраќањето не трае долго, а децата го пребродуваат без лекови.
Мешавина од лекови на рецепт и без рецепт
Мешањето лекови на рецепт и лекови без рецепт од фармацевт може да биде многу опасно. Секогаш прво проверете со вашиот лекар или фармацевт. И ако не сте сигурни што има во одреден лек, прашајте го вашиот фармацевт или лекар.
Лекови кои не се наменети за вашето дете
Лекови за возрасни или лекови пропишани за некој друг може да му наштетат на вашето дете. Никогаш не е безбедно да му ги дадете на вашето дете.
Лекови со истечен рок
Лекот со истечен рок не помага, па дури може да биде и штетен.
Таблети за џвакање
Малите деца лесно можат да се задават со таблети за џвакање. Проверете кај вашиот лекар или фармацевт пред да му дадете на вашето дете таблети за џвакање.
Витамини: добра идеја?
Нема докази дека витаминските и минералните додатоци помагаат на здравјето на децата на кој било начин, освен ако детето нема некој вид недостаток - и многу малку деца страдаат од овие недостатоци.
Проверете кај вашиот лекар ако мислите дека вашето дете може да има недостаток на витамин или минерали.