Лов на скриено богатство
Потребни материјали: Торба со играчки, предмети или слатки
Што може да правите заедно: Одберете место надвор од дома на кое има многу места за криење во одреден простор – каде што има дрвја, грмушки, патеки, саксии и жардинери. Одредете граници во просторот до каде можат да се кријат предметите.
Ако играте во група, најдете интересен начин да одредите кој ќе бара прв. Избраниот играч има две минути да сокрие некој предмет од торбата. Останатите играчи мора да ги затворат очите и ушите – нема лажење!
Играчите кои треба да го најдат скриеното богатство потоа проверуваат во торбата кој предмет недостасува и тргнуваат да го бараат! Можете да поставите правило играчот кој го сокрил предметот да ви даде две или три асоцијации за тоа каде може да е скриен предметот.
Играчот кој ќе го пронајде скриеното богатство е следниот кој крие друг предмет. Играта продолжува се додека не се потрошат сите предмети.
Можете да додадете и дополнителна забава – играчите можат да се облечат како пирати кога го бараат скриеното богатство!
Што учи вашето дете: Барањето скриено богатство е одличен начин за децата да го истражуваат надворешниот свет. Не само што е забавна, оваа игра им помага на децата да развијат когнитивни и моторни вештини и ја поттикнува нивната љубопитност. Најважно, барањето скриено богатство многу лесно се прилагодува на возраста на вашето дете.