Навики
Што се навики?
Навиките се однесувања кои се повторуваат често, главно автоматски, без претходно размислување. Некои од овие однесувања кај децата понекогаш може да ве загрижат, изнервираат или налутат, но треба да знаете дека тие обично не се причина за загриженост.
Детските навики често вклучуваат допирање или слични бескорисни активности на делови од лицето или телото. Децата можеби се свесни за ова, можеби им се допаѓа, но тоа не е секогаш така.
Некои од најчестите навики се: цицање прст, палец или цуцла, гризење нокти, виткање или влечење за коса, чепкање на носот, гризење на усните или внатрешноста на образите, гризење предмети како врвови од молив, облека, чкртање со забите.
Како се развиваат навиките?
Навиките можат да бидат пријатни и смирувачки. Цицањето прст е еден таков пример. Кај малите деца, оваа навика може да биде начин за ослободување од стрес или анксиозност.
Понекогаш, навиките се развиваат кога на децата им е досадно. Ваквите однесувања потоа служат како еден вид забава. На пример, децата може почесто да ги грицкаат ноктите додека гледаат телевизија или не прават ништо отколку кога се вознемирени.
Понекогаш навиките започнуваат од практични причини, а потоа продолжуваат дури и кога тие причини повеќе не се присутни. На пример, малите деца кои го чепкаат носот за време на настинка може да продолжат да го прават тоа некое време кога настинката ќе помине. Ако детето си го чепка носот, дури и откако научило да го празни со дување, веројатно има развиено навика да чепка нос.
Вие му давате пример на детето. Ако забележите дека детето почнува да создава навика, прво запрашајте се дали вие ја имате истата. Некои навики се со поголема веројатност да се појават во одредени семејства, на пр. гризење нокти.
Некои деца може да покажат понеобично однесување, како што се нишање со телото, удирање или движење на главата. Повеќето деца престануваат да го прават тоа на петгодишна возраст.
Некои однесувања може да изгледаат како почеток на навика, а се предизвикани од медицински причини. Во овој случај, тие обично почнуваат нагло и имаат други карактеристики, на пр. дете кое одеднаш почнува да ги влече или удира ушите и станува раздразливо, најверојатно има инфекција на увото. Може да биде слично со некои однесувања што го придружуваат растот на забите, итн.
Прекин на навиките
Повеќето од овие однесувања престануваат сами по себе. Ако однесувањето го попречува секојдневното функционирање на детето, или доведува до повреда, тогаш треба да се преземе нешто.
На пример, цицањето палец е вообичаено и сосема нормално. Но, ако детето најчесто го цица палецот или има потешкотии поради тоа, на пр. при зборување или јадење, или е навредувано од врсниците, тогаш препорачливо е да престане со овие однесувања. Прво пробајте сами:
- Направете договор со детето дека ќе му помогнете да се откаже од навиката. Објаснете зошто го правите ова.
- Кога ќе забележите дека детето го прави тоа, спокојно кажете му да престане. Пофалете го/ја кога тој/таа го прави тоа.
- Доколку таквите однесувања се јавуваат почесто кога детето не е активно, можете да предложите некоја активност.
Ако овие навики не престанат и покрај вашите напори и го попречуваат функционирањето или доведат до повреда (на пр. интензивното цицање прст може негативно да влијае на развојот на забите, доколку трае повеќе од третата година), побарајте стручна помош. Во случај да се посомневате дека тие однесувања се манифестација на анксиозност, потребно е да се побара психолошка помош.
Понекогаш овие однесувања изгледаат како тикови. Тиковите се неволни, повторливи и ненадејни движења. Тие се јавуваат поради други причини. Повеќето тикови вклучуваат едноставни движења (искривување на очите, почесто трепкање, грчење на носот итн.) Тие обично се привремени. Доколку траат подолго, доколку се изразени или посложени по природа, потребно е да се консултирате со педијатар.