Нетолеранција на лактоза: бебиња и деца
Нетолеранција на лактоза
Нетолеранцијата на лактоза е кога телото не може да ја разложи лактозата. Овој проблем се случува затоа што нема доволно ензим лактаза во стомакот.
Лактозата е комплексен шеќер. Го има во мајчиното млеко, млеко од животни и други млечни производи. Сочинува околу 7% од мајчиното и вештачкото млеко.
Лактазата е ензим. Ензимите ги разложуваат состојките на храната, така што телото може да ги користи.
Лактозата е важна за здравјето и развојот на вашето бебе. Обезбедува околу 40% од потребите за енергија на бебето и му помага да апсорбира калциум и железо.
Причини за нетолеранција на лактоза
Постојат три главни причини за нетолеранција на лактоза.
Непостојана лактаза (хиполактазија)
Ова се случува кога ензимите на лактаза во телото на вашето дете постепено почнуваат да се намалуваат. Ова е генетска состојба и многу често - околу 70% од луѓето имаат ваков тип на нетолеранција на лактоза. Симптомите може да почнат да се појавуваат по петгодишна возраст, но обично се позабележливи кај тинејџерите и младите. Децата обично можат да толерираат мали количини на лактоза во секојдневната исхрана.
Вроден недостаток на лактаза (алактазија)
Ова се случува кога бебињата се раѓаат без ензими на лактаза. Ова е генетска состојба, но е исклучително ретка. Бебињата со ваква нетолеранција на лактоза имаат тешка дијареа од првиот ден од животот. За да напредуваат, потребна им е посебна исхрана уште од раѓањето.
Секундарна нетолеранција на лактоза
Ова може да се случи ако дигестивниот систем на детето е раздразнет од инфекции како гастроентеритис, кои ја менуваат слузницата на желудникот и тенкото црево. Овој вид на нетолеранција на лактоза е краткорочен и обично се подобрува по неколку недели.
Состојби како целијачна болест, исто така, може да предизвикаат секундарна нетолеранција на лактоза. Штом овие состојби се менаџираат правилно, нетолеранцијата на лактоза е помал проблем.
Вообичаени симптоми на нетолеранција на лактоза
Симптомите на нетолеранција на лактоза кај бебиња и деца вклучуваат:
- гасови
- болки во стомакот и надуеност
- дијареја
Понекогаш нетолеранцијата на лактоза се меша со алергии на храна како алергија на кравјо млеко. Некои вообичаени симптоми на алергија на храна вклучуваат повраќање, крв или слуз при дијареа, осип и оток околу очите - ова не се симптоми на нетолеранција на лактоза. Ако вашето дете има симптоми како овие, треба да го однесете лекар за соодветна проценка.
Дијагностицирање на нетолеранција на лактоза
Ова се двата главни начини за дијагностицирање на нетолеранција на лактоза:
- Водороден тест за здив: ја тестира количината на водороден гас во здивот на детето после јадење одредена количина на храна што содржи лактоза. Децата нетолерантни на лактоза имаат повисоко ниво на водород во здивот.
- Елиминациска диета: ова вклучува отстранување на храна што содржи лактоза од исхраната на детето за да се види дали симптомите се подобруваат. Ако симптомите повторно се појават откако повторно се воведе храна со лактоза, очигледно нетолеранцијата на лактоза е причината за проблемот.
Бидејќи некои од симптомите на нетолеранција на лактоза и алергија на храна се слични, дијагностицирањето на нетолеранција на лактоза понекогаш може да биде тешко.
Третман: нетолеранција на лактоза кај бебиња
Вроден недостаток на лактаза
Ако вашето бебе има вроден недостаток на лактаза, вашиот лекар ќе во препише соодветен третман. Повторно, ова е исклучително ретка состојба.
Секундарна нетолеранција на лактоза
Кај бебе кое се дои и има секундарна нетолеранција на лактоза предизвикана од гастроентеритис, треба да продолжите со доењето.
Ако вашето бебе се храни со вештачко млеко или размислувате да му дадете вештачко млеко, консултирајте се со вашиот лекар или диететичар пред да користите или смените со млеко со ниско ниво на лактоза или без лактоза. Ако вашето дете е под шест месеци, избегнувајте да користите вештачко млеко.
Третман и менаџирање: нетолеранција на лактоза кај постари деца
Ако на вашето постаро дете му е дијагностицирана нетолеранција кон лактоза, можете да ја намалите количината на лактоза во неговата исхрана, но, не треба целосно да се ослободите од производите со лактоза, особено ако детето јаде само мали количини со друга храна во текот на денот.
Следниве совети за храна и диета можат да помогнат.
Овие намирници се во ред:
- сирење со многу ниска содржина на лактоза - бри, камембер, чедар, едамер, фета, гауда, моцарела, пармезан, халуми
- јогурт - бактериите во јогуртот ја разложуваат лактозата, така што обично е во ред вашето дете да пие јогурт
- производи од соја збогатени со калциум - јогурт од соја, млеко од соја, сладолед од соја и сирење од соја
- кравјо млеко без лактоза
- путер и крем - тие содржат само мали количини лактоза и обично се во ред да се јадат
- леб, житарици, овошје, зеленчук, месо и друга протеинска храна
- млеко со полна масленост - маснотиите во млекото му овозможуваат на телото на вашето дете подолго да ја вари лактозата.
Внимавајте на овие намирници:
- млечен сладолед и млечни десерти
- крем сирење, преработено сирење и намаз од сирење
- мусли барови
- инстант пире од компир и зеленчук со додадено млеко или бели сосови.
Проверете ги состојките во оваа храна:
- бисквити, колачи и мешавини за торти
- супи
- мајонез
- млечно чоколадо.
Можете исто така да разговарате со вашиот лекар ако размислувате да користите таблети Lacteeze или капки што го разложуваат шеќерот од лактоза што го јаде вашето дете.