Фебрилни конвулзии (грчеви од температура)
Што е фебрилна конвулзија?
Фебрилна конвулзија е напад на грчење на телото што се случува поради треска при температура повисока од 38 ° C. Брзиот пораст на температурата предизвикува абнормално електрично празнење во мозокот.
Фебрилни конвулзии обично се случуваат кај деца на возраст од шест месеци до шест години. Фебрилните конвулзии што се случуваат надвор од оваа возрасна граница треба дополнително да се испитаат за да се потврди дека постојат и други причини како инфекција или епилепсија.
Може да биде многу застрашувачки да се гледа како вашето дете има фебрилна конвулзија, но децата обично целосно се опоравуваат. Повеќето фебрилни конвулзии не предизвикуваат долгорочни проблеми или оштетување на мозокот.
Симптоми на фебрилна конвулзија
Симптомите на фебрилна конвулзија обично вклучуваат:
- вкочанетост на телото и/или грчевити движења
- губење на свеста
- превртување на очите
- плитко дишење или наизменично дишење
- длабок сон околу еден час по нападот.
Повеќето фебрилни конвулзии не траат подолго од неколку минути и скоро секогаш престануваат сами пред да имате шанса да побарате медицинска помош.
Што да направите ако мислите дека вашето дете има фебрилна конвулзија
Останете смирени и отстранете ги сите штетни предмети од околината кои можат да го повредат детето.
Гледајте што точно се случува, за да можете да го опишете подоцна. Ако имате паметен телефон или камера, снимете видео од нападот.
Измерете го времетраењето на фебрилната конвулзија.
Откако ќе престане конвулзијата, ставете го вашето дете на мека површина, да лежи на страна за да ги држите отворени дишните патишта. Останете со детето и тешете го.
Следете го дишењето на детето. Ако престане да дише, веднаш повикајте брза помош и започнете со реанимација за бебиња или реанимација за деца над една година. Исто така, побарајте брза помош ако фебрилната конвулзија трае подолго од пет минути.
Дали вашето дете треба да посети лекар за фебрилни конвулзии?
Да. Обично вашето дете треба да оди на лекар ако има фебрилна конвулзија. Особено е важно да го однесете вашето дете на лекар или да одите во болница за итни случаи, ако:
- тоа е прва фебрилна конвулзија
- не сте сигурни дали вашето дете имало фебрилна конвулзија
- вашето дете често има фебрилни конвулзии.
Децата обично не треба да бидат примени во болница по фебрилна конвулзија, освен ако вашето дете е помало од 1 година, или вашиот лекар е загрижен за состојбата што ја предизвикала треската - на пример, пневмонија или менингитис.
Дополнителни испитувања по фебрилна конвулзија
Детето кое имало фебрилна конвулзија веројатно нема да има потреба од дополнителни испитувања.
Понекогаш лекарите може да ве упатат да направите крвна слика, испитување на урина, или рентген на градниот кош, за да откријат каква состојба ја предизвикала треската.
Вашето дете може да биде испратено на ЕЕГ ако има повторени фебрилни конвулзии, но тоа обично нема да се случи по една фебрилна конвулзија.
Превенција на фебрилни конвулзии
Не постои гарантиран начин за спречување на фебрилни конвулзии.
Можете да ја намалите температурата на вашето дете и да му ја олесните состојбата со давање на парацетамол или ибупрофен и соблекување на непотребната облека. Понекогаш фебрилната конвулзија ќе биде првиот знак за треска.
Во повеќето случаи, не се препорачува третман со антиконвулзивни лекови за спречување на напади во иднина.
Повеќе за фебрилни конвулзии
Децата обично имаат само една фебрилна конвулзија. Сепак, околу 30 до 35 проценти од децата кои имаат фебрилен напад ќе имаат друг фебрилен напад. Околу 3 од 100 деца ќе имаат фебрилна конвулзија.
Фебрилните конвулзии имаат тенденција да се повторуваат во семејства со историја на конвулзии и повеќе се јавуваат кај машки деца.
Епилепсија е кога детето има или е под ризик да има повторени и непредвидливи напади. Повеќето здрави деца кои имале фебрилна состојба не развиваат епилепсија подоцна. Ризикот дека детето ќе развие епилепсија по единечен, едноставен фебрилен напад е само малку поголем отколку кај детето кое никогаш немало фебрилни напади.