Запек

Запек е кога вашето дете тешко ги празни цревата. Децата со запек честопати немаат редовна столица.
Body

Причини за запек кај деца

Запек може да се случи од неколку причини.

Детето може да ја задржува столицата затоа што е премногу зафатено со играње, затоа што празнењето на цревата е болно или затоа што не сака да ги користи тоалетите во градинка или училиште.

Запек, исто така, може да се случи ако вашето дете не јаде доволно храна богата со влакна, или поради болест што го натерало вашето дете да јаде и да пие помалку.

Сите овие ситуации може да доведат до таложење на храна во цревата. Кога тоа ќе се случи, столицата станува премногу тврда и детето не може лесно да ги испразни цревата.

Сепак, постојат и некои медицински состојби кои можат да предизвикаат запек кај децата, но тие не се чести.

Симптоми на запек кај деца

Нормалната столица лесно се исфрла и има цевчеста форма.

Но, ако вашето дете има запек и му е тешко е да ги испразни цревата, може да почувствува болка и непријатност. Ова може да го натера да избегне одење во тоалет.

Тврдата столица може да го истегне анусот на детето и да предизвика мали, површни пукнатини на кожата, што може да доведе до болка и крварење.

Детето исто така може да има болки во стомакот и може да седи со згрчени нозе или да е нервозно, да ги прекрстува нозете или одбива да оди во тоалет. 

Ако вашето дете има запек долго време, може да ги испразни цревата во панталони без да го сака тоа. Тоа може да биде мала или голема количина на столица и може да се случи во секое време од денот. Ова се нарекува валкање или фекална инконтиненција.

Фекална инконтиненција се случува бидејќи тврдата столица е заглавена и го истегнува дебелото црево. Детето тогаш може да ја изгуби желбата да оди во тоалет, бидејќи чувствува болка. 

Има голем опсег на „нормално“ кога станува збор за тоа колку често децата ги празнат цревата. Некои деца одат 2-3 пати на ден, а други деца двапати неделно.

Кога да го одите на лекар за запек кај деца

Треба да го однесете вашето дете на лекар ако:

  • му давате на детето лаксатив повеќе од неколку пати годишно
  • запекот не се подобрува откако ќе му дадете лаксатив
  • детето не ги испразнило цревата пет дена
  • несакајќи ги празни цревата кога е облечено
  • има запек и треска, повраќање, крв во столица или губи тежина
  • има болни пукнатини на кожата околу анусот
  • има запек и вие сте загрижени дека не јаде или пие доволно.

Третман за запек

На вашето дете му се потребни здрави навики за празнење на цревата.

Исхрана
Првиот чекор кон здрави навики за празнење на цревата е исхраната. Здравата исхрана со доволно влакна помага да се спречи запек. Храната богата со растителни влакна вклучува интегрален леб и житарки, овошје и зеленчук.

Редовно одење во тоалет
Ако вашето дете има запек, поттикнете го да стекне навика редовно да седи на шолја и да се обидува да ги празни цревата. Добро е ако може да го прави тоанајмалку пет минути, околу 20-30 минути откако ќе заврши со појадокот, ручекот и вечерата.

Може да помогне ако вашето дете има столче за нозе или кутија за да ги стави нозете додека седи на шолјата. Натерајте го да ги стави стапалата рамно, да ги раздвои колената и да се наведнува малку напред додека притиска.

Исто така, можете да го научите вашето дете да биде свесно и да реагира на желбата на неговото тело да ги празни цревата. Еден начин да го направите ова е со започнување со награди за да го пофалите вашето дете што оди во тоалет.

Лаксативи
Можеби ќе треба да му дадете на вашето дете лаксатив ако има запек, за да може да ја помине тврдата столица без болка.

Сокот од слива е благ природен лаксатив кој делува кај некои деца. Ако ова не функционира, треба да го посетите вашиот лекар.

Можните лаксативни лекови вклучуваат:

  • осмотски лаксативи како лактулоза, полиетилен гликол кои ја зголемуваат водата во столицата на вашето дете и ја омекнуваат
  • течно парафинско масло, кое ја омекнува и подмачкува столицата
  • стимуланси како капки Senekot® или Dulcolax SP®, кои го стимулираат дебелото црево да се ослободи од столицата.

Некои деца со хроничен запек ќе треба да продолжат да земаат лаксативни лекови неколку месеци, а вашиот лекар ќе ве информира за соодветниот начин на лекување.

Запек кај бебиња

Што е нормално?
Вообичаено е за многу бебиња да се зацрвенат во лицето и да се напрегаат кога нормално ги празнат цревата.

Кај бебињата помлади од шест месеци, колку често имаат столица зависи од тоа што се хранат.

Бебињата кои се дојат може да имаат столица до пет пати на ден, или само еднаш на секои пет дена. Нивната столица е мека, со жолта или боја на сенф.

Бебињата кои се хранат со вештачко млеко обично имаат столица 1-2 пати на ден. Нивната столица е поцврста и повеќе зелено-кафеава.

Вашето бебе може да има запек ако столицата е сува и трошлива или како пелети, и ви се чини дека тоа му предизвикува болка и непријатност.

Некои бебиња имаат запек затоа што не добиле доволно мајчино млеко или затоа што вештачкото млеко нема добар состав, без доволно вода. 

Ако мислите дека вашето бебе има запек и нема брзо подобрување со примена на едноставни мерки, како што е додавање сок од слива, посетете го вашиот лекар за да се уверите дека тоа не е основен проблем.