Општи препораки за мали деца со прекумерна тежина и дебелина од втора година натаму

Вишокот телесна тежина најчесто се јавува како последица на прекумерно внесување храна или недоволна физичка активност. Прекумерната тежина доведува до бројни здравствени проблеми во текот на животот и треба да се открие и да се реши навремено.
Body

Вишокот телесна тежина најчесто се јавува како последица на прекумерно внесување храна или недоволна физичка активност, ретко е од генетски нарушувања. Промените во животната средина и начинот на згрижување на детето исто така може да влијаат на телесната тежина и треба внимателно да се земат предвид. Прекумерната тежина доведува до бројни здравствени проблеми: деформации на коските и зглобовите, болести на срцето и крвните садови, ендокрини заболувања, депресија, слаба самодоверба и пониски академски достигнувања подоцна во животот и важно е да се открие овој вишок на време и да се преземат мерки за враќање на телесната тежина во типичните трендови на раст. 
Ако видите дека вашето дете започнало да добива вишок килограми, можете да го однесете на лекар / педијатар на  подетален преглед, но има некои мерки што можете сами да ги преземете.

Препораки за мало дете:

  • Бидете сигурни дека вашето дете има соодветен број на оброци и внес на храна што е во количина и содржина во согласност со препораките за оптимална исхрана соодветна на возраста;
  • Охрабрете го да јаде повеќе шарен зеленчук (особено темно зелен, црвен и портокалов) и разновидно  свежо овошје;
  • Можете да дадете природен  исцеден овошен сок само како дел од оброкот, а не во поголема количина од 120 -180 мл;
  • Понудете му на детето чиста вода кога е жедно наместо засладени течности (засладени чаеви, газирани пијалоци, сокови);
  • Изберете да дадете леб, тестенини и житни култури направени од цели зрна;
  • Изберете здрави протеини: пилешко, мешунки, сирења со малку маснотии, итн;
  • Може да дадете полномасно пастеризирано млеко  на деца на возраст од 1-2 години и обезмастено млеко на деца постари од 2 години;
  • Обезбедете разновидна и врамнотежена исхрана со минимална  преработка;
  • Избегнувајте да му давате на вашето дете  високо калорична и солена храна (масни колачи, закуски, чипс), што ќе го засити и ќе му го намали апетитот за повеќе хранлива храна; 
  • Избегнувајте да му нудите на вашето дете засладена храна: слатки, колачиња, чоколадо, чоколадно млеко;
  • Разговарајте со вашето дете за да му дадете до знаење дека го поддржувате; 
  • Фокусирајте се на постепено менување на нивото на физички активности и навики во исхраната на целото семејство, така што детето не се чувствува осамено; 
  • Бидете позитивен пример за вашето дете;
  • Воспоставете рутини во исхраната, активностите и спиењето, оставете му доволно време да спие;
  • Ограничете го времето на седење пред екран (таблет, ТВ, телефон) на помалку од 1 час;
  • Вклучете го вашето дете, ако е постаро од 2 години, во умерени и интензивни физички активности поделени во пократки интервали, во кои ќе ужива заедно со целото семејство и кои не му се премногу тешки (брзо одење, пливање, скокање, игри со топка, возење велосипед) најмалку 60 до 90 минути во текот на денот. 

Прифатете ги  промените и новите навики што ќе го направат целото семејство активно и здраво!