Оптимална исхрана во текот на првите 6 месеци

„Вашето млеко е единствената храна и течност што му е потребна на вашето бебе во првите шест месеци од животот. Светската здравствена организација и УНИЦЕФ препорачуваат ексклузивно доење до 6 месеци и продолжување на доењето до две години со воведување на соодветна и безбедна храна од 6-ти месец “.
Body

Мајчиното млеко е комплексна хранлива течност што содржи масти, протеини, шеќери, витамини, минерали, антитела, ензими, вода и многу други состојки во точен сооднос и количина потребни за да се обезбеди оптимален раст и развој на бебето. Мајчиното млеко обезбедува антитела кои им даваат на бебињата здрав почеток на животот и ги штитат од многу инфекции. Придобивките од доењето започнуваат уште во најраната возраст и траат цел живот.

Вашето млеко е секогаш достапно, хигиенски исправно, на соодветна температура и е бесплатно. Специјално  е прилагодено на потребите на вашето доенче и се менува од ден на ден, од месец во месец, од доење до доење, за да ги задоволи потребите на детето.

Со доење, го обезбедувате  психо-моторниот развој на вашето бебе. Го скратувате закрепнувањето по породувањето и го намалувате ризикот од некои болести подоцна во животот. Доењето е далеку повеќе од само хранење. За време на доењето, се воспоставува силна врска помеѓу мајката и бебето и потребите на бебето за љубов, топлина и безбедност се исполнуваат на уникатен начин. 

Ризици од непотребно дополнување со друго млеко
На бебињата на почетокот им треба многу мала количина млеко. Како што расте потребата за поголема количина  на млеко, со чести цицања, бебето го стимулира производството на млеко и ја обезбедува количината  што му е потребна. Непотребно дополнување со друго млеко  може да предизвика детето повеќе да не сака да цица  од мајката поради чувството на ситост во стомакот. Вашите гради ќе станат полни и тврди, или количината на млеко ќе се намали. Ако се користи дополнително млеко за смирување на бебето, тоа може да ја наруши вашата самодоверба дека ќе можете успешно да го доите вашето бебе. 

Како да знам дали моето бебе добива доволно млеко?


Бебе е сигурно дека добива доволно млеко ако:
- цица најмалку 8-12 пати во текот на денот;
- цица ритмички со кратки паузи, се забележуваат движења на брадата, се слуша голтање;
- влажни пелени 6 или повеќе пати во рок од 24 часа со бледа, разредена урина;
- има обично 3-6 столици за 24 часа;
- добива на тежина, просечно по 150-240 грама неделно за првите 4 месеци;
- активно е помеѓу доењата, живнато. 

Зголемување на  тежината


Во првите денови по раѓањето, нормално е новороденчето да изгуби тежина, во просек 7%-10 % од неговата тежина при раѓање. Кога се воспоставува лактација и доењето започнува добро, детето почнува да добива тежина, во просек од 25 до 30 грама на ден. Бебињата обично ја враќаат својата тежина при раѓање помеѓу 10-ти и 15-ти ден од животот. Бебињата кои напредуваат добро, обично добиваат минимум 600gr месечно. Се разбира, некои деца напредуваат многу повеќе; ако бебето само цица, не треба да се плашите дека добива премногу тежина. 

Природна исхрана на болно дете


Сите новороденчиња можат да се хранат со мајчино млеко. Исклучоците се многу ретки вродени метаболички нарушувања. Некои бебиња, како што се предвремено родени бебиња или деца на механичка вентилација, не можат да цицаат. Деца со расцеп на непце, срцеви мани, невролошки или генетски нарушувања, како што е Даунов синдром, може да имаат потешкотии со цицање. Во овие ситуации, детето може да се храни со мајчино млеко, на начин што најдобро одговара на неговата состојба, сè додека не може да цица. 

Близок контакт и рано, ексклузивно доење во првите 6 месеци му помага на бебето да напредува. Мајчиното млеко е најдобра здрава прва храна за вашето бебе и е доволно за поддршка на здравиот раст и развој на вашето дете.