Празнење на градите и измолзување на мајчиното млеко
Веднаш по раѓањето, градите почнуваат да се полнат со млеко во мала, но доволна количина за бебето. Ако бебето е правилно поставено на градите, се дои редовно и ефикасно ги испразнува градите, ќе се создадат идеални услови за понуда и побарувачка (количината на млеко одговара на потребите на бебето). Во тој случај нема да биде потребно измолзување на млеко. Градите понекогаш можат да станат тешки, напнати и болни. Сите бебиња се раѓаат со рефлекс за цицање и голтање, но некои бебиња се “посилни” и цицаат поефикасно веднаш по раѓањето, а некои имаат потреба од помош.
Измолзување е потребно:
- ако бебето не цица доволно млеко од градите во првите денови, бидејќи е родено предвреме, со мала тежина или има жолтица
- кога вие и вашето бебе сте одделени поради болест
- во случај на блокирани млечни канали, оштетени брадавици, воспалени гради
- кога сакате да поттикнете производство на повеќе млеко
- кога планирате да бидете далеку од дома подолг временски период или сте се вратиле на работа, така што лицето кое се грижи за бебето може да го нахрани со вашето млеко
- кога сакате да го донирате млекото во банка за мајчино млеко
Во зависност од потребите, можете да го дадете измолзеното млеко на вашето дете, да го чувате во фрижидер или замрзнувач за подоцнежни оброци, да го транспортирате до детето (ако бебето е во болница или сте одделени од други причини). Следете ги препораките за чување и складирање на мајчиното млеко!
Рачно измолзување на млеко
Подготовка:
- Измијте ги рацете со сапун и вода
- Масажата ќе го стимулира рефлексот на истекување на млеко и ќе го олесни протокот. Нежно масирајте ги градите: почнете од основата и движете се кон брадавицата; не заборавајте на долната страна на дојката. Повторете неколку пати, за да не прескокнете ниту еден дел. Масажата треба да биде нежна, со лесен притисок со прстите (како на дирките за пијано).
- Топлите облоги пред масажата исто така можат да го олеснат протокот
- Ставете го садот за млеко (по можност сад со широк отвор) под градите, помеѓу колената или на ниска маса, така што двете раце се слободни.
- Подгответе крпа за да ги избришете сите капки што “бегаат” низ лизгавите, влажни прсти.
Измолзување:
- Можете да ја придржувате градата со другата рака, ако е голема или тешка.
- Ставете го палецот и другите прсти едни спроти други, подалеку од брадавицата.
- Користејќи го палецот и првите два прста, притиснете прво навнатре, кон центарот на дојката; измолзувањето не смее да биде болно.
- Потоа нежно притискајте, со ритмички движења, како да сакате да ги споите палецот и другите прсти; на овој начин, ги компресирате каналите и млекото почнува да тече.
- Млекото прво тече во капки, а потоа во млаз, кога се активира рефлексот на исфрлање на млеко.
- Ротирањето на палецот и показалецот околу ареолата ќе ви овозможи да го измолзите млекото од сите делови на градите.
- Испразнете ги градите 3-5 минути, додека протокот не почне да се намалува, а потоа преминете на другата града. Повторете ја целата постапка уште еднаш, така што празнењето на градите трае вкупно 20-30 минути.
- Празнењето на градите може да биде заморно; одморете се и пијте малку вода.
- Избегнувајте грубо триење на кожата и стегање на брадавицата; ова ќе доведе до оток и спречување на протокот на млеко.
Измолзување на млеко со пумпа
- Ставете топли облоги на градите неколку минути пред измолзување.
- Нежно масирајте ги двете гради.
- Измолзете малку млеко од двете гради.
- Притиснете го работ на пумпата и силиконскиот штит за масажа цврсто на градите.
- Полека притиснете ја рачката на пумпата надолу, држете неколку секунди, а потоа пуштете го, имитирајќи го ритамот на цицање.
Покрај рачни пумпи, постојат и различни електрични. Тие имитираат рачно пумпање, што го прави процесот многу полесен, бидејќи пумпата работи за вас. Недостаток е нивната висока цена. На некои мајки им е полесно да ги измолзат своите гради рачно, а некои да користат пумпа. Ако имате намера да купите пумпа, консултирајте се со професионалци за изборот и размислете дали ви треба воопшто.
Количина на млеко
Некои жени сметаат дека е лесно да се измолзат, а на некои им треба време да ја научат точната техника. Количината на млеко ќе зависи од голем број фактори: градите, возраста на бебето, времето на последното доење, фреквенцијата на празнење на градите. Ако добиете само мала количина или воопшто немате млеко, побарајте помош за да бидете сигурни дека го правите тоа правилно.
Измолзувањето ќе биде полесно и поуспешно ако се чувствувате удобно и имате приватност. Подгответе чаша вода и оставете доволно време, особено ако сте почетник во ова.