Промена на опкружувањето: управување со однесување
Промена на опкружувањето на вашето дете: што значи тоа?
Ако вашето дете се однесува на начин што не ви се допаѓа, добра идеја е да погледнете што се случува во неговото опкружување. Со промена на опкружувањето, можеби ќе можете да го промените и однесувањето на вашето дете.
Промената на опкружувањето може само да значи правење мали, податливи промени во она што се случува околу вашето дете. Тоа не значи преселба во друг стан или куќа, промена на мебел, инсталирање скапа опрема за играње и така натаму!
„Опкружувањето“ на вашето дете: што е тоа?
Кога станува збор за однесувањето на децата, опкружување значи само мали нешта околу вашето дете. „Опкружувањето во кое детето се однесувана одреден начин“ може да биде:
- локација - на пример, во парк, дома, во супермаркет
- играчки, книги и игри, но и други работи со кои можеби не сакате детето да си игра
- други деца и како тие се однесуваат
- дразби (пр. бучава и светлина)
- време од денот
- вашите барања и упатства.
Овие работи можат да влијаат врз однесувањето на вашето дете, па дури и понекогаш да предизвикаат несакано однесување. На пример, нормално е вашето дете да:
- сака да си игра со работите околу него
- да ја истражува својата околина
- се чувствува уморно ако е време за попладневно спиење
- се чувствува преоптоварено ако има многу бучава или активност
- не сака да ги сподели нејзините омилени играчки
- не ги следи вашите упатства ако не ги разбира.
Промена на физичката средина на вашето дете
Еве неколку идеи за промена на физичките работи во опкружувањето на вашето дете за да му помогнете да се однесува онака како што вие сакате.
Дома
- Преместете ги кршливите или скапи предмети подалеку од поглед и дофат - ова е важно за негова безбедност, како и добро однесување.
- Направете „тивок простор“ за вашето дете да го користи кога се чувствува вознемирено. Ова може да биде само специјална перница со некои од омилените книги во близина.
- Осигурајте се дека таблетот и телевизорот се исклучени кога треба детето да се фокусира на нешто, како на пример да се подготвува за училиште наутро.
Надвор и околу
- Изберете безбеден простор надворсекогаш кога можете - на пример, двор, игралиште или парк. Ќе бидете помалку под стрес, а активностите на вашето дете се со помала веројатност да ги вознемират другите.
- Кога патувате со автомобил, воз или автобус, водете сметка каде седите. На пример, еден родител нека седи помеѓу две деца. Или дозволете некое дете да седи до прозорецот некое време, потоа сменете го.
- За семеен ден надвор, барајте места каде што има работи во кои и вие и вашето дете ќе уживате - на пример, игралиште за вашето дете и кафе или книга за вас.
- Пуштете музика кога патувате со автомобил. Може да пуштате весела музика ако на вашето дете му е здодевно или смирувачка музика кога сакате да се смири.
Играчки и предмети
- Инсталирајте брава на вратата од собата на постар брат или сестра. Ова ќе му даде малку време на постарото дете да си игра со играчки, непречено од помалиот брат или сестра.
- Ставете ги омилените играчки на вашето дете на место до кое може да стигне. На овој начин тоа нема да биде во искушение да се искачи или да влезе на небезбедни места кога ги бара своите играчки.
- Помогнете му на вашето дете да избере и да остави настрана играчки што можеби не сака да ги сподели со децата што ве посетуваат.
Промена на времето на активности во пкружувањето на вашето дете
Можете да го промените опкружувањето на вашето дете со неколку идеи:
- Мотивирајте го на тивки, смирувачки активности пред спиење.
- Земете го вашето дете на пазарење по попладневна дремка.
- Станете порано за да го намалите притисокот и стресот во утринското брзање за на училиште.
- Започнете со капење порано за да избегнете реакции околу излегување од бањата.
- Планирајте чести паузи на долго возење со автомобил.
Промена на вашите барања и упатства
Однесувањето на вашето дете може да се смени и со промена на начинот на кој му кажувате или барате од него да прави некои работи.
Инструкција е кога ќе му кажете на вашето дете да направи нешто. Ако му дадете јасни, кратки и едноставни упатства, тоа ќе знае што се очекува од него - на пример, „те молам држи ме за рака кога ќе поминуваме улица“. Но, децата можат да се чувствуваат преоптоварени или да се бунат кога им давате премногу инструкции.
Барање е кога ќе побарате од вашето дете да направи нешто. На пример, 'можеш ли да ја раскренеш масата?' Вашето дете може да избере да каже „да“ или „не“ на вашето барање. Барањата му даваат на вашето дете избор и чувство на контрола, што може да го направи поверојатно да соработува.
Добра идеја е да се стремите кон мешавина од инструкции и барања. И обидете се да ги користите барањата почесто отколку инструкциите.