Раст на заби кај бебиња
Кај повеќето бебиња, првите заби се појавуваат помеѓу 6 и 10 месеци. Придружната непријатност што ја доживува бебето се ублажува со тоа што ќе му се дадат ладни предмети за џвакање или со нежно масирање на непцата.
Body
Раст на бебешките заби
- Забите се формираат во непцата додека бебето е се уште во матката.
- Кај повеќето деца, првиот заб се појавува на возраст од 6 до 10 месеци, но може да се појави и порано, дури и при раѓање, или подоцна, по првата година од животот.
- Забите се појавуваат по одреден редослед, што не мора секогаш да се следи.
- Обично, прво излегуваат долните централни секачи, потоа горните централни и страничните секачи, а до крајот на првата година, детето обично има 6 заби.
- До крајот на третата година, повеќето деца имаат 20 млечни заби.
Излегување на заби
- Додека забите избиваат низ непцата, бебињата се особено чувствителни. Имаат потреба постојано да ги тријат непцата со нешто, а местото каде што избиваат забите понекогаш е малку црвено и отечено.
- Забите на некои деца избиваат незабележливо, но кај повеќето деца, родителите забележуваат одредени промени во однесувањето: децата плачат повеќе или се нервозни, не јадат нормално; се лигават, имаат тешкотии да заспијат и почесто се будат ноќе, џвакаат се што ќе им дојде на рака: играчки, топки; бараат цуцла, почесто ги валкаат пелените; го тријат увото на страната на забот што излегува.
- Овие промени може да бидат нормален дел од развојот, но понекогаш се резултат на благи инфекции.
- Ако вашето дете не е добро, особено ако има треска или дијареа, или сте загрижени за некои други знаци на болест, консултирајте се со педијатар.
Помош при излегување заби
Може да му помогнете на вашето бебе со:
- нежно масирање на непцата со чист прст или миење со мека четка;
- нудете му на вашето бебе ладни предмети за џвакање: гумен прстен или играчка што сте ги чувале некое време во фрижидер;
- подготвување на пире од храна ако сметате дека е потребно.