Сензорна игра за бебиња
Потребни материјали: Шарени крпи, меки играчки, коцки, топки во боја, фолија, играчки кои светат.
Што може да правите заедно:
- Поставете играчки со различна боја на мека подлога или ќебе.
- Ставете го бебето на подлогата помеѓу играчките и оставете го да се движи само помеѓу различните играчки кои му го привлекуваат вниманието. Малите бебиња можете да ги охрабрите да се тркалаат накај предметите или омилената играчка.
- Покажувајте накај играчките и повторувајте што се тоа, нивниот облик и боја. Доколку имате играчки што светат, покажете му на бебето и дозволете му тивко да гледа.
- Охрабрете го бебето да допира и држи одредени играчки. Доближете му различни материјали до рацете, за да можат да ги почувствуваат во своите раце.
- Концентрирајте се на звук и слушање, удирање на играчките една од друга и охрабрување на бебето да го стори истото. Обидете се да правите различни звуци, со удирање на различни играчки. Гужвајте фолија со различна големина и со различна брзина, за да произведете најразлични звуци.
Што учи вашето дете: Активностите за сензорна игра можат да започнат веднаш по раѓање на детето. Дури и во мајчината утроба бебињата се способни да слушнат и реагираат на звуци, а дури можат да ја вкусат и храната. Развојот на сетилата за време на првата година од животот е многу важен за учење, но и за формирање на врска помеѓу родителот и бебето.