Што е тоа и како се вика?

Потребни материјали:  Различни книги, списанија, каталози, сè што содржи букви и зборови или други симболи и што поттикнува зборување и интересни разговори.

Што можете да направите заедно: Почнете кога вашето бебе е старо само неколку месеци, тивко разговарајте со бебето додека го храните, му менувате пелени, го држите во прегратка, кога е до вас на кревет или во количка. Иако тоа не ги разбира сите зборови, дури и како новороденче, бебето го препознава вашиот глас и тоа му претставува задоволство. Кога ќе го видите бебето како реагира на вашиот глас, одговорете со топли насмевки, галете го итн.  Ако тоа не одговори, продолжете да се обидувате!  Тоа ќе почне да одговара.

Читајте му едноставни книги за бебиња или раскажувајте приказни од првиот ден. Дури и ако не ја разбира приказната, бебето ќе ужива во вашата близина и вашиот глас. Тоа сака да ги гледа сликите што му ги покажувате. Читајте му книги напишани за бебиња или разнобојни списанија и истовремено покажете му што има на сликата. Оставете го бебето да ги допре сликите во книгата. Наведете сè што тоа покажува со едноставни зборови. 

Книгите се важни, но еднакво е важен и самиот разговор со вашето бебе. Кога времето е убаво, однесете го вашето бебе на прошетка во природа, дури и ако е блиску до вашиот дом. Раскажете му за сè што гледате. 

Ако немате книги наоколу, можете исто така да зборувате за работи како делови од телото, предмети што ги користите секој ден и луѓе кои детето ги познава. На тој начин, тоа ќе разбере дека сè има свое име и постепено ќе започне да ги учи тие имиња. Именувајте сè што правите во вашите дневни активности и рутини. Додека ги именувате работите, покажете го предметот или што правите. „мама прави сок за бебето. „Ова е сок“, го покажувате сокот. „Мама му менува пелена на бебето“. „ова е пелена“, и му ја покажувате пелената. Бидете сигурни дека бебето слуша и гледа што му покажувате. На пр „денес јадеме брокула, ммммм, колку е вкусна“ и покажете го садот. Ова не се „лекции“, туку се пријатни моменти заедно додека го запознавате вашето бебе со сите прекрасни работи на светот!

Секогаш кога имате слободно време за играње, можете да ги користите горенаведените примери во вашата рутина (менување пелени, подготовка за оброк, итн.).

Што учи вашето дете:  Дури и ако бебето не ве разбира, тоа ќе ги следи сликите, звуците, мирисите и вашиот глас. Тоа ќе разбере дека сè има свое име и постепено ќе започне да ги учи тие имиња.