Што претставува учењето за детето?
Детето учи од првиот ден од својот живот и, веќе од самото раѓање, е многу вешто да научи за себе и за светот околу него со огромна брзина. Важно е да се препознае начинот на кој бебето учи: преку истражување и активно учество во настани. Покрај тоа, бебето најлесно истражува кога има силна поддршка, кога се чувствува безбедно и сакано - така што силната емотивна врска со вас е клучната основа за неговото/нејзиното учење.
За новороденчето и бебето сè на светот е ново - мириси, температура, воздух, бои, звуци, текстури, вкусови, исто како што е ново сè што е поврзано со самото бебе - функции како што се дишењето, движењето, погледот, слушање, насочување внимание, меморија, говор, размислување, намери, заклучоци.
Како што расте бебето, ќе открие дека луѓето околу него се поврзани на различни начини, дека постојат одредени обрасци во односите меѓу луѓето, дека постојат модели меѓу настаните: причини, последици; ќе забележи многу различни чувства, мислења и слично, и ќе треба и ќе сака да ги сфати. Сите овие работи, и многу други, бараат многу прилагодување од страна на бебето. Покрај тоа, бебето се обидува да го контролира своето тело, околината и односите во кои е вклучено и е опремено за тоа уште од првиот момент од животот.
За бебето, учењето значи обид, истражување, допирање, слушање, движење на дел од телото, гледање на реакциите на другите, посегнување, достигнување, фаќање, фрлање, сфаќање на врската помеѓу нештата, појавите... Во таа смисла, за детето учењето е игра, а играта е во исто време и најприродниот начин на кој детето открива.
Многу е важно како родители да го имате на ум ова значење на учењето. Детето уште од првиот момент од својот живот ќе покаже желба за откривање и иницијатива за активно учење и истражување. Важно е да разберете како вашето дете покажува иницијатива и комуницира со неговата околина, да го запознаете вашето дете, неговите реакции и начинот на прилагодување и учење, неговите потреби за поддршка и охрабрување, за да се поврзете со вашето дете.
Домот е првата „училница“ на детето, а родителот е првиот учител, оној кој ќе го олесни истражувањето и учењето преку игра уште од првиот ден преку обезбедување соодветна поддршка и охрабрување, како и чувство на сигурност.