Специјални картички за специјални луѓе
Потребни материјали: Хартија (обична или во боја), моливи, боички или маркери; разни други материјали кои ги имате дома, што може да се искористат за украсување картичка (парчиња волница во боја, налепници, слики од списанија, итн.)
Што можете да направите заедно: Правењето картичка за член на семејство или друга посебна личност е активност што го охрабрува вашето дете да започне да пишува неколку букви од азбуката или да нацрта нешто едноставно. Оваа активност може да ја направите на пример за некој сосед кој бил болен. „Ајде да направиме картичка за да и кажеме на г-ѓа Марија дека се надеваме дека наскоро ќе оздрави!“ Пронајдете место за работа заедно. Можете да започнете со тоа што ќе го прашате вашето дете „што мислиш дека треба да и кажеме?“ Ако вашето дете има идеја, запишете го на картичката. Потоа, може да го замолите вашето дете да напише нешто. На оваа возраст, тоа може да бидат само неколку букви или можеби дел од името на вашето дете. Можете да го напишете неговото име и да му предложите да проба да го напише, па дури да е тоа и една буква од името. Без оглед на резултатот, пофалете го: „ова ќе ја израдува г-ѓа Марија многу. Ќе види што си напишал! Дали сакаш да и нацрташ нешто? “ Прилагодете го ова на нивото на вештина и интерес на вашето дете. Правете едноставни картички доволно често за тоа да ви стане рутинска активност (можеби ќе направите картичка за да го изненадите вашето дете, исто така!).
Списоците за купување што ги составувате заедно може да бидат друг начин да го охрабрите вашиот писател кој само што почнува да пишува - можете да напишете некој предмет и да го прашате дали сака да го напише тој збор или да напише нешто друго.
Што учи вашето дете: Ова е една од многуте активности кои можат да му помогнат на вашето дете да започне да учи како да пишува. Вашето дете гледа дека пишувањето има цел и дека може да им донесе задоволство на другите и да биде пријатна активност. И, се разбира, оваа активност ја охрабрува креативноста на вашето дете, бидејќи заедно размислувате како да ја украсите картичката на убав начин.