Вакцина против хепатит Б
Вакцината против хепатит Б содржи високо прочистени неинфективни честички на површинскиот антиген на вирусот хепатит Б (HbsAg), а исто така содржи и: алуминиумски соли кои служат како адсорбент и додатоци (зајакнувач на имунолошкиот одговор).
Вакцината се дава со инјекција во бутниот мускул кај доенчиња или делтоидниот мускул (надлактица) кај постари деца (постари од 3 години). На деца до 15 години им се дава доза од 0,5 ml, а деца од 16 години и постари добиваат 1,0 ml доза за возрасни. Рутинска имунизација се изведува со три дози вакцина:
1-ва доза - прв ден по раѓањето (во родилиште)
2-ра доза - 1 месец по првата доза
3-та доза - 6 месеци по првата доза
Важно е бремени жени да се тестираат за хепатит Б. Во случај тие да имаат инфекција со вирус на хепатит Б, детето покрај вакцината, прима и специфични антитела (имуноглобулин од хепатитис Б) на првиот ден по раѓањето.
Ако се применат сите горенаведени мерки, мајката која го носи вирусот на хепатит Б може да го дои своето дете, освен во ситуации кога брадавиците се распукани и крварат, кога треба да направи краток прекин до закрепнување.
Вакцината против хепатит Б може да се дава истовремено со другите вакцини, против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, МРП вакцини. Кога се администрира како единечна вакцина, се дава во надколеница кај доенчиња или надлактица кај постари деца.
Вакцината не се дава на лица кои имаат акутно заболување придружено со треска и на оние кои претходно имале посилна алергиска реакција (анафилакса) на некои од компонентите на вакцината.
Ефектот на вакцината врз развојот на фетусот не е оценет, но бремена жена може да ја прими вакцината само ако има јасни индикации. Нема контраиндикации за доилка да прими вакцина.
На луѓето кои се на хемодијализа или оние со намалена отпорност може да им биде потребна дополнителна (бустер) доза.