Запознавање нови пријатели

Потребни материјали:  Не се потребни.

Што можете да направите заедно: Вашето бебе плаче на различни начини и со плачење се обидува да пренесе различни пораки. Во овој период, може да забележите дека бебето почнува да се вознемирува кога ќе се појават нови, непознати лица, што не беше случај порано. Ова е сосема очекувано. Помогнете му со запознавање нови луѓе постепено и не нагло и ако е можно, во веќе позната средина. Бидете секогаш со вашето бебе кога некое ново лице ќе му се приближи или ќе му се обрати, и ако се зголеми вознемиреноста и плачот - смирете го. Зборувајте со вашето бебе со мирен глас, држејќи го во рацете за да го уверите дека нема да го оставите. Можете нежно да го лулате, да го гушкате или да му пеете. Внимателно набљудувајте го за да видите кога вашето бебе е подготвено за предизвикот повторно да се дружи. Ова ќе го знаете кога тоа ќе погледне наоколу и ќе истражува работи и луѓе во неговата околина. Полека обидете се повторно да го запознаете со нови луѓе, следејќи ги неговите знаци на задоволство или непријатност.

Секое бебе е различно; вашето бебе може да биде доста заинтересирано за нови луѓе или може бавно да се вклопува, дури и со пријателски расположени непознати луѓе.  Следете ги реакциите на вашето бебе и уживајте со вашата единствена мала личност!

Што учи вашето дете: Вашето бебе учи да реагира на нови ситуации и луѓе, а неговите реакции веројатно ќе се менуваат од недела во недела. Доколку нови луѓе станат дел од светот на вашето бебе, со ваша помош тоа постепено се навикнува на нив, така што ќе се чувствува пријатно.