Здрава храна за бебиња и мали деца: пет групи на храна
Што е здрава храна за бебиња и мали деца?
Здравата храна за бебиња и мали деца вклучува широк спектар на свежа храна од петте групи за здрава храна:
- зеленчук
- овошје
- зрна
- млечни производи
- протеини.
Секоја група на храна има различни хранливи материи, кои му требаат на телото на вашето дете за да расте и да се развива правилно. Затоа децата треба да јадат од сите пет групи на храна.
За да се премине од цицање мајчино или вештачко млеко кон јадење семејни оброци е потребно време, а вашето бебе нема веднаш да јаде храна од сите пет групи на храна. Започнувањето со давање на цврста храна е првиот чекор. Откако вашето бебе ќе почне да јаде цврста храна, обидете се да вклучите храна од сите пет групи во секој оброк.
Овошје и зеленчук
Овошјето и зеленчук му даваат на вашето дете енергија, витамини, антиоксиданти, влакна и вода. Тие помагаат да се заштити вашето бебе од болести подоцна во животот, вклучувајќи болести како срцеви заболувања, мозочен удар и некои видови на рак.
Добра идеја е да му понудите вашето бебе овошје и зеленчук при секој оброк и за ужина. Обидете се да изберете овошје и зеленчук со различни бои, текстури и вкусови, свежи и варени.
Измијте го овошјето за да ги отстраните нечистотиите или хемикалиите и оставете ја лушпата, бидејќи и таа содржи хранливи материи.
Ако вашето дете е “пребирливо” за некое овошје и зеленчук, тоа не значи дека никогаш нема да ги сака. Дали знаете дека ако вашето дете ве гледа дека јадете широк спектар на зеленчук и овошје, ќе биде поверојатно и тоа да проба?
Храна со зрна
Храната со зрна вклучува леб, тестенини, житарки, кускус, ориз, пченка, киноа, палента, овес и јачмен. Овие храни му ја даваат на вашето дете енергијата што му е потребна за да расте, да се развива и учи.
Храната со зрна со низок гликемичен индекс, како интегрални тестенини и леб, ќе му даде на вашето дете подолготрајна енергија.
Млечни производи
Клучни млечни производи се млеко, сирење и јогурт. Оваа храна е богата со протеини и калциум.
Млечна храна може да се воведе од околу шест месеци. Но, бидете сигурни дека мајчиното или вештачкото млеко е главниот пијалок на вашето бебе до околу 12 месеци. После тоа, може да почне да пие целосно масно кравјо млеко.
Бидејќи децата во оваа возрасна група растат многу брзо и имаат потреба од многу енергија, им требаат полномасни млечни производи се додека не наполнат две години.
Протеини
Храна богата со протеини вклучува посно месо, риба, пилешко, јајца, грав, леќа, наут, тофу и ореви. Овие храни се важни за растот на вашето дете и развојот на мускулите.
Оваа храна содржи и други корисни витамини и минерали како железо, цинк, витамин Б12 и омега-3 масни киселини. Железо и омега-3 масни киселини од црвено месо и мрсна риба се особено важни за развојот и учењето и за развој на мозокот на вашето дете.
Погледнете ги нашите илустрирани диететски упатства за деца од 2-3 години за повеќе информации за дневните порции и препораки за храна. Можете исто така да разговарате со диететичар ако сте загрижени за исхраната на вашето дете.
Здрави пијалаци
Водата е најздравиот пијалок за деца над 12 месеци, и е, исто така, најевтиниот. Водата од чешма е најчесто збогатена со флуор кој е важен за цврсти заби.
Од шест месеци, доените и бебиња кои се хранат со вештачко млеко можат да земаат мали количини на ладена зовриена вода од чешма од чаша.
Храна и пијалоци кои треба да се избегнуваат
Вашето дете треба да избегнува храна која се дава “понекогаш”. Овие производи вклучуваат брза храна и грицки како чипс, смоки, пити, хамбургери и пица. Оваа храна, исто така, вклучуваат колачи, чоколади, лижавчиња, бисквити, крофни и наполитанки.
Оваа храна е богата со сол, заситени масти и шеќер, а содржи малку влакна и хранливи материи. Јадењето премногу од овие јадења може да го зголеми ризикот од дебелина и состојби како дијабетес тип 2.
Вашето дете исто така треба да избегнува слатки пијалаци како овошен сок, спортски пијалаци, ароматизирани води, безалкохолни пијалоци и млеко збогатено со арома. Слатките пијалаци се богати со шеќер и со малку хранливи материи и можат да предизвикаат зголемување на телесната тежина, дебелина и расипување на забите. Овие пијалаци го заситуваат вашето дете и тоа ќе биде помалку гладно за здрави оброци. И ако децата се навлечат на овие пијалаци кога се мали, тоа може да им прерасне во нездрава доживотна навика.
Храната и пијалоците со кофеин не се препорачуваат за деца, бидејќи кофеинот го спречува телото добро да го апсорбира калциумот. Кофеинот е исто така стимуланс, што значи дека им дава на децата вештачка енергија. Овие јадења и пијалаци вклучуваат кафе, чај, енергетски пијалаци и чоколада.
Здрави алтернативи за закуски и десерти
Добро е да му понудите на вашето дете закуски, но обидете се да бидете сигурни дека тие се здрави - на пример, рендан или ситно исечен морков.
Истото важи и за десерт на крајот од оброкот. Исечено овошје или јогурт е најздравата опција. Ако сакате да служите нешто посебно, обидете се со домашен банана леб. Зачувајте ги сериозно слатките работи, како колачи и чоколадо, за посебни прилики како родендени.