49-ти до 60-ти месец - Радост при здружување

Кога би можел да ти кажам. . . „Сега имам четири години и наскоро ќе наполнам пет! Има толку многу работи кои можам да ги направам самостојно, а сепак учам толку многу нови работи секој ден. Мене сè ми е интересно. Би сакал/а да пробам сè! Горд сум кога работам нешто, и сакам кога и вие се радувате. Ги контролирам моите чувства и желби се подобро и подобро, иако понекогаш е тешко. Разбирам скоро сè што ќе ми кажете и уживам да зборувам. Сакам да зборувам - за тоа што направивме и каде бевме. Ајде да испланираме што ќе правиме утре. Ми се допаѓа да ми раскажуваш приказни или да ми читаш книги, па можам да замислам дека сум еден од луѓето или животните во приказната. Исто така, сакам кога заедно пееме песни или измислуваме приказни. Имам 'најдобри пријатели' со кои сакам да играм. Знам правила и како да се однесувам, но понекогаш заборавам. Кога сте лути на мене, тоа ме тера да се чувствувам засрамен или загрижен, па затоа понекогаш може да се обидам да го сокријам направеното или да ви кажам нешто што не е точно. Една друга работа - сега можам да се лулам и да се качувам навистина добро. ”

Развој на детето во периодот од 49-ти до 60-ти месец 

 

Комуницирање

 

Што има ново? 

Ова е период на брз развој на говорот, возбудлив за вас и вашето дете.  На оваа возраст, вашето дете веројатно сака да раскажува приказни и ужива во разговорите. Често може да зборува за тоа како се чувствува, да раскажува за своите идеи и да поставува прашања. 

На почетокот на оваа година, тоа може да знае неколку стотици зборови и може да користи реченици од најмалку пет или шест зборови. Обично ќе разберете што зборува.  До петтиот роденден, речениците ќе бидат се подолги и уште покомплексни, со уште многу зборови на располагање.

Што можете да направите за да помогнете?

Секое дете е различно - вашето дете може да биде разговорливо или тивко.  Без оглед на стилот, секогаш охрабрувајте го неговиот вербален израз. Ако зборувате со нeго секојдневно, тоа ќе сака да разговара со вас повеќе.  Ако види дека уживате во разговорот, и тоа ќе почне да ужива. Бидете трпеливи - вашето дете сè уште нема да може да се изрази добро, па понекогаш ќе треба малку да помогнете: „Еј, дали ова е играта што ја игравте со другарот?  Што друго направивте?  Дали игравте фудбал? „Зборувајте за обични работи што се случуваат - што правиме, каде сме биле, што планираме, што сакаме и што не. Додека читате книги или раскажувате приказни, можете да поставувате прашања за тоа што се случува.  Цртежите и игрите со преправање се други начини на комуникација и може да ги охрабрат децата кои понекогаш не сакаат да зборуваат.

 

Чувства

Што има ново?

Во овој период, вашето дете почнува да учи како да искажува различни чувства на соодветен начин.  Тоа наоѓа се повеќе и повеќе начини да изрази емоции - - говор, објаснување, гестови или игра. Сè повеќе ќе може да каже што му пречи наместо да вика или удира. 

Во овој период, децата обично сакаат да бидат опкружени со други луѓе. Може да видите дека вашето дете сака да ги задоволи своите пријатели и дека сака да биде исто како нив.  Имагинарните пријатели сè уште можат да бидат важен дел од растењето на вашето дете, иако вистинските пријатели им се најважни. Детето почнува да се разбира подобро и подобро со другите.  Најверојатно ќе го видите како се извинува, прифаќа правила, чека свој ред и ужива во тоа кога на другите им се случуваат убави работи.  И покрај тоа што сè уште може да биде прилично напорно или нетрпеливо, тоа почесто соработува и сака да им помага на другите.  Во исто време, го плашат нови искуства, како што е одење во градинка или играње со нови деца.

Што можете да направите за да помогнете?

Поттикнете го вашето дете да се вклучи во разни активности како што се семејни рутини, игра и дружење со други деца. Споделете го неговото уживање.  Создадете можности во кои детето ќе се чувствува корисно и важно - мала помош додека извршува домашни работи, проследена со пофалби, ќе го охрабри да развие самодоверба. Избегнувајте критики и пофалете го напорот. Доколку е потребна помош, дадете јасни упатства и објаснувања.

Ако избегнува да проба нешто ново или веќе се плаши да тргне во училиште, оставете го да се запознае со новата ситуација и пробајте повторно кога е подготвено за тоа.

 

Мислење

 

Што има ново? 

Играта сè уште е начин детето да научи за себе и за светот околу него. На оваа возраст вашето дете интензивно ќе ја користи својата имагинација.  Веројатно ќе сака да пее, да танцува и да се преправа. Се повеќе е способно да ја препознае разликата помеѓу она што се преправа и она што е реално.   Сепак, во исто време тоа може да ја скрие вистината од родителите, ако направило нешто што знае дека не им се допаѓа.  Во играта, тоа може да испроба различни улоги и однесувања - како што е лекар или наставник.  Во овој период може да стане посвесно за својот пол и родовите улоги.  

Учењето на вашето дете исто така вклучува учење за сопственото тело и за телата на другите - вклучително и љубопитност за телата на момчињата и девојчињата.  Интересот и љубопитноста за телото продолжуваат - и за нивните и за телата на другите луѓе. Можете да најдете дете на оваа возраст со интерес да ги гледа своите гениталии или гениталиите на други деца. 

Концептите брзо се развиваат во овој период и се основа за подоцнежно учење.  Вашето дете разбира повеќе за спротивностите (на пример, ниско / високо) и обично може да именува неколку букви и броеви и да напише некои од нив. Може правилно да брои предмети до 10.  Неговата меморија станува се подобра.  Веројатно ја памти и знае да ја каже својата адреса или телефонски број.  Можеби ја знае разликата помеѓу лево и десно. 

 

Што можете да направите за да помогнете?

Во разговор и за време на дневните рутини, зборувајте за концептите за време (наутро, навечер, денес, итн. и денови во неделата), како и други интересни концепти.  Користете приказни и книги за деца за да истражите други концепти.  Збогатете го читањето приказни или раскажувајте му и прашувајте го вашето дете што мисли дека може да се случи следно. Прошетајте во околината за да истражите знаменитости и звуци што го стимулираат неговото размислување.  Создадете можности за користење букви и броеви во секојдневните активности, како што е пишување белешки за да ви помогне да запомните храната што треба да ја купите на пазар. 

 

Движење

Што има ново?

Вашето дете е се повеќе физички вешто - сега може да фрла, да фаќа, да се лула и да се искачува и да гради кула со неколку мали предмети.  Тоа веројатно може да скокне и можеби дури и да прескокне предмети.  Сега му е полесно да се облече.  Може да се грижи за повеќето свои потреби.  На пример, може да се храни со помош на лажица или друг прибор. Може да користи тоалет самостојно и може да ги мие забите без многу помош. 

Што можете да направите за да помогнете?

Потсетете го детето на безбедносните правила и задолжително надгледувајте ги физичките активности кога е то потребно. Создадете можности вашето дете да биде активно на отворено и научете го на нови вештини бидејќи станува желно да ги научи.  Поттикнете ги неговите фини моторни вештини, обезбедувајќи едноставни материјали за да ги состави и да нацрта слики. 

За да пронајдете многу повеќе начини како да го поддржите развојот на детето преку игра, одете во делот Играјќи заедно.

 

Загриженост на родителите за развојот во периодот од 49-ти до 60-ти месец

 

Бидејќи секое дете се развива на свој посебен начин, невозможно е точно да се предвиди кога и како вашето дете ќе усоврши одредена вештина. Способностите (развојни пресвртници) што се очекуваат и наведени за овој период ви даваат само општа идеја за промените што може да ги очекувате додека вашето дете расте.  Ве молиме, не грижете се ако неговиот развој тргне по малку поинаков пат.

Сепак, за да бидете сигурни, разговарајте со вашиот педијатар [или друг здравствен работник] доколку вашето дете покаже некој од следниве знаци на можно одложување на развојот, ако се чини дека вашето дете изгубило некои од вештините што ги имало на помала возраст или ако имате други причини да бидете загрижени:

  • Не може сигурно да оди, да трча, да се качува, да скока или да користи скали 
  • Не може да одговори на едноставни прашања (Како се викаш? Кое е твоето семејство? Која е твојата омилена приказна?)
  • Не може да се следи насоки од два дела (Стави чаша на масата! Или земи ја топката од под креветот!) 
  • Не може да извршува дневни рутини како што е јадење или самостојно облекување  
  • Се чини дека има потешкотии во држењето молив
  • Покажува екстремно однесување (како што е крајно исплашено, агресивно или тажно)
  • Не зборува за дневни активности
  • Не покажува интерес за интеракција со возрасни и/или со деца

Ова е период во кој веројатно може да се грижите дали некои од наведените однесувања се поврзани со време поминато пред телевизор, компјутер или телефон. Задолжително ограничете го тоа време на максимум еден час на ден и бидете сигурни дека секој момент од тоа време го поминувате со вашето дете за да го водите низ тоа искуство. 

References and comments
  1. https://raisingchildren.net.au/preschoolers/development/development-tracker/4-5-years
  2. Učenje i odrastanje: 37 do 60 mjeseci – Rast I razvoj djeteta iz mjeseca u mjesec, CEDEN – Centar porodičnih resursa za razvoj, obrazovanje I ishranu
  3. Dr sci Nirvana Pištoljević (2016), Rani razvoj deteta: šta treba znati, Udruženje pedijatara Srbije, Beograd.
  4. https://www.cdc.gov/ncbddd/actearly/pdf/checklists/Checklists-with-Tips_Reader_508.pdf