Децата и непријателски развод на родителите
Кога родителскиот конфликт продолжува дури и по разводот, може да изгледа како војна во која децата се невини колатерални жртви. Родителскиот конфликт понекогаш може да биде толку жесток што децата се наоѓаат во центарот на тоа и стануваат предмет на манипулација од страна на родителите. Манипулирањето со децата за време на разводот се дефинира како серија однесувања, вербални и невербални пораки при што еден родител всадува негативна слика на другиот, со цел да го оддалечи од децата.
Активностите на родителите кои можат да се карактеризираат како манипулација се:
- Непристојни коментари за другиот родител
- Понижување и навреда на другиот родител
- Лажни обвинувања за злоупотреба од страна на другиот родител
- Поларизација меѓу родителите (прикажувајќи еден родител како сосема совршен, додека другиот е сосема лош)
- Опструкција или забрана за средба со членовите на семејството на другиот родител
- Отсуство на позитивни коментари, приказни и спомени кои го вклучуваат другиот родител
- Поттикнување на детето да го “искористи” другиот родител
- Прекумерно опсипување на детето со подароци и други уживања со цел да се добие неговата наклонетост
- Организирање на разни пријатни настани токму во времето кога детето треба да го види другиот родител
- Прекумерна контрола и наметнување на времето кое детето го поминува со другиот родител
- Тажен израз на лицето или вербализирање на тага кога детето оди да го види другиот родител
Ова однесување од страна на еден родител може да доведе до развивање на синдромот на оттуѓување од едниот родител во однос на другиот родител. Синдромот на оттуѓување од едниот родител може да се манифестира кај детето преку различни реакции. Реакциите на детето ќе зависат од тоа дали отуѓувањето е благо, умерено или тешко.
Ако забележите какви било знаци на отуѓување кај детето, контактирајте го вашиот матичен лекар или педијатар за помош. Тој ќе ве упати на специјалисти кои можат да ви помогнат.