Голема кашлица (пертусис)
Голема кашлица
Големата кашлица е многу заразна болест предизвикана од Бордетела пертусис, еден вид бактерија. Се пренесува преку близок личен контакт, кивање и кашлање.
Големата кашлица се нарекува и пертусис.
Иако децата се примаат редовна вакцина против голема кашлица, од време на време има епидемии на голема кашлица.
Симптоми на голема кашлица
Бактериите кои предизвикуваат голема кашлица обично ги инфицираат децата 1-2 недели пред да се појават симптомите.
Раните симптоми изгледаат како симптоми на настинка. Околу една недела, на децата може да им тече носот, да киваат и повремено да имаат лесна треска.
Кашлицата се развива постепено, децата може да имаат напади на кашлање што им го отежнува дишењето. Тие, исто така, може да испуштат „рапав“ звук на крајот од нападите со кашлање, после кои земаат длабок здив. Кашлицата обично е проследена со повраќање и лицето на детето може да стане црвено.
Нападите на кашлање се влошуваат во текот на следните две недели, зголемувајќи се и по сериозноста и зачестеноста. Нападите на кашлање можат да бидат исцрпувачки, иако децата се чувствуваат добро меѓу нападите.
Кашлицата може да трае со месеци.
Децата можат да бидат заразни до 21 ден по почетокот на кашлицата.
Децата кои се вакцинирани против голема кашлица имаат многу помали шанси да заболат од оваа болест. Ако вакцинираните деца сепак добијат голема кашлица, нивните симптоми се обично поблаги.
Компликации од голема кашлица
Кај бебиња под шест месеци, голема кашлица често има сериозни компликации, вклучувајќи сериозна пневмонија и апнеи (паузи при дишењето). Кај мали деца, пневмонијата е најчеста компликација. Смртта е ретка и може да се случи скоро само кај неимуни бебиња.
Ако вашето дете има голема кашлица и го изгуби апетитот или многу повраќа по нападите на кашлање, постои ризик да изгуби тежина и да дехидрира.
Дали треба да го носите детето на лекар за голема кашлица?
Да. Треба да го однесете вашето дете на лекар ако тоа:
- има кој било од симптомите опишани погоре
- има повторено и вознемирувачко кашлање
- има кашлица која трае подолго од две недели
- има проблеми со дишењето или се бори за здив по кашлање
- му помодрува устата откако ќе престане кашлањето
- има продолжена треска, како и кашлица
- има кашлица и исто така се жали на болки во уво
- веќе има голема кашлица и губи тежина или изгледа дехидрирано.
Ако вашето бебе е на возраст под шест месеци и забележите паузи во дишењето, треба веднаш да го однесете во одделот за итни случаи во болницата или на лекар.
Третман на голема кашлица
Антибиотиците обично не помагаат при симптоми на голема кашлица, иако лекарот може да препише антибиотици за да спречи детето да пренесе голема кашлица на други.
Ако кашлицата траела помалку од 21 ден, вашиот лекар може да препише антибиотици затоа што овој третман ќе ја намали должината на времето на зараза на вашето дете. Ова значи дека вашето дете може да се врати во градинка или училиште порано, обично по пет дена антибиотици.
Ако кашлицата е силна и предизвикува тешкотии во дишењето, или ако вашето дете е помало од шест месеци, лекарот може да препорача престој во болница. Ако болеста е доволно сериозна за прием во болница, на вашето дете ќе му дадат антибиотици.
Антибиотици можат да им бидат препишани и на други луѓе во семејството, за да превенира тие да добијат голема кашлица.
Ако вашето дете не е лекувано со антибиотици, тоа не треба да оди во градинка или училиште 21 ден по почетокот на кашлицата.
Превенција на голема кашлица
Најдобар начин да се избегне голема кашлица е вашето дете да се вакцинира. Вакцинацијата против голема кашлица обично започнува на 6-8 недели по раѓање, со повторување на дозите во текот на следните месеци и години.
Имунитетот против голема кашлица се намалува со текот на времето. Ова значи дека е можно да се добие болеста и на подоцнежна возраст, дури и ако сте биле вакцинирани. Ова е причината зошто вакцината против голема кашлица се дава неколку пати за време на детството и адолесценцијата.