Општи препораки за деца кои губат тежина
Губење на тежината (или недоволно зголемување на телесната тежина), од различен степен, може да се појави во кое било време од животот на детето, и најчесто е резултат на болест и / или неухранетост. Соодветна подготовка на оброк, почесто нудење на високо квалитетна храна и однос родител-дете во согласност со потребите на детето, ќе овозможи постепено да се компензира загубата.
Body
Губењето тежина или раст во должина/висина што не е придружено со соодветно зголемување на телесната тежина кај детето, најчесто е резултат на болест и / или неухранетост. Знаејќи дека оптималната исхрана за време на раното детство е од суштинско значење за развој на целосниот потенцијал на детето, најверојатно ќе се обидете сами да го решите ова нарушување.
Еве неколку корисни препораки кои ќе ви помогнат да ги направите потребните корекции или да ги примените пред да посетите педијатар.
За време на болест
- Ако детето наполнило една година и се храни со мајчино млеко, треба да знаете дека тоа ќе бара почесто да цица и доењето ќе биде пократко - задоволете ја таа негова потреба.
- Детето има послаб апетит и ќе јаде помалку, но од витално значење е да добие доволно количество течности.
- Подгответе и често нудете му на вашето дете разновидна храна, со помека конзистенција (супи, чорби со зеленчук, парчиња свежа диња, лубеница ...) или некое од неговите омилени јадења.
- Помеѓу оброците, понудете му течности, по можност само вода, дури и во мали голтки, во количина поголема од вообичаеното, бидејќи загубите се поголеми (преку столица, кожа, дишење).
- Следете го однесувањето на вашето дете и одговорете на неговите потреби: дајте му течности или храна во количина што може да ја изеде.
После болест или период на недоволно внесување храна
(или други економски или социјално-емоционални причини):
- Неопходно е да се поттикнува детето да јаде повеќе и / или почесто додека не ја врати изгубената тежина и продолжи да расте нормално.
- Ако детето е помало од 2 години и се храни со мајчино млеко, потребно е да се продолжи со доење во согласност со потребите на детето, веројатно почесто.
- Обрнете внимание на препораките за оптимална исхрана во согласност со возраста на детето, но имајте во предвид дека потребите на вашето дете во овој момент се зголемени.
- За соодветно да одговорите на зголемените нутриционистички потреби на детето, обезбедете висококвалитетна храна со протеини: разни видови месо, риба, живина, јајца и мешунки (грашок, грав, леќа) во комбинација со житни култури; детето на тој начин ќе го добие потребниот внес на минерали - железо и цинк.
- Неопходно е да се подготви храна со поголема енергетска вредност; затоа, додајте лажичка масло или коцка путер во пире (гриз, каша од пченкарно брашно, житарици).
- Продолжете да го храните вашето дете со свежо овошје и зеленчук кои се локално достапни.
- Подгответе ја храната на начин на кој обично се подготвува во семејството.
- Не му бранете на вашето дете да јаде некоја храна, но избегнувајте да му нудите: дополнителни млечни формули, засладени течности и храна (сокови со додаден шеќер, газирани пијалоци, колачи, слатки ...), пржена храна, кои не се здрави, го исполнуваат стомакот и обезбедуваат енергија , но не и други потребни и корисни хранливи материи.
Секако консултирајте педијатар за преглед и дополнителни препораки за исхраната, како и за утврдување на динамиката на понатамошно следење на растот.