Сончаница и како да се спречи
Сончаница може да се појави многу брзо, особено ако детето било активно на сонце, но одложена сончаница е почеста кај децата; се јавува неколку часа откако сте на сонце - навечер пред спиење или за време на спиењето.
Симптоми на сончаница
Симптомите на сончаница може да бидат рани или одложени. Раните симптоми на сончаница се:
- ненадејна слабост на детето
- вртоглавица
- главоболка
- мачнина
- повраќање
- поспаност
- треска
- прекумерно потење
- тресење
Колку е помало детето, толку се поизразени овие симптоми и толку е поголема можноста за компликации.
Кај „одложена“ сончаница, симптомите се појавуваат побавно, се помалку интензивни, но траат подолго. Децата се жешки и црвени; изгледаат како да имаат вирус, па родителите честопати се збунети, мислејќи дека се работи за инфекција. Малите деца стануваат многу чудни - плачат, навидум без причина. Постарите деца обично имаат гадење (понекогаш и повраќање), промени во расположението и несоница. Како по правило, температурата на телото е покачена.
Како да спречите сончаница?
- Следете ги информациите за УВ индексот објавени во медиумите и следете ги дадените препораки.
- Малите деца можат да бидат изложени на сонце само во препорачаното време (пред 10 часот наутро и доцна попладне, после 17 часот), со задолжителна употреба на креми за сончање со висок заштитен фактор, според возраста.
- Поминете го делот од денот кога сонцето е најсилно со вашето дете во сенка или соодветно разладени простории.
- Облечете го вашето дете во светла облека изработена од природни материјали.
- Ставете му капа на глава, како и очила за сонце со соодветна УВ заштита.
- Давајте му на вашето дете многу течности (особено вода) во текот на денот.
- Дозволете му да јаде почести, лесни, помалку калорични оброци.
- Ако случајно сте надвор во најтоплиот дел од денот, осигурете се детето да биде помалку физички активно, да трча и скока помалку за да избегне прегревање.
- Често разладувајте го детето со вода - измијте му го лицето, навлажнете му ја главата, нозете и рацете.