Зборувајте му на вашето бебе

Кога детето слуша зборови и има можност да ги слушне имињата на појавите, искуствата или активностите, тоа ги учи значењата на зборовите и начините на изразување на своите мисли или чувства. Овој процес го нарекуваме „говорна храна“, а науката нуди недвосмислени докази дека овој тип на „исхрана“ е многу важен за развојот на мозокот, како и за целокупниот развој на детето.
Body

Затоа, на родителите им се советува да разговараат со бебето, да му читаат приказни, да пеат, да именуваат сè што прават или што бебето прави, гледа или доживува, од првиот ден од животот. Колку повеќе родителите повторуваат зборови и ги поврзуваат со постапки и работи во околината и искуствата на бебето, толку е поголема способноста на бебето да учи. Кога таквите можности има малку, се случува спротивното - записите во мозокот бледнеат, а способноста за учење опаѓа.

Еве што можете да направите за да му обезбедите „говорна храна“ на вашето бебе:

  • имајте на ум дека зборувањето е двонасочно - обрнете внимание на тоа колку често го поттикнувате вашето бебе да разговара со вас, разговарајте со вашето бебе што е можно почесто, следете што прави и именувајте го тоа што го прави, одговарајте кога тоа ви се обраќа или покажува интерес за нешто
  • секогаш кога сте во контакт со бебето, кога шетате, се гушкате, се пресоблекувате, се капете, играте - обидете се да користите топол тон кога му се обраќате на бебето.
  • Почитувајте го темпото поставено од бебето: зборувајте полека и дајте му време на вашето бебе да одговори.
  • Погледнете го бебето во очи и обидете се да одржувате контакт со очите. Привлечете го вниманието на вашето дете со менување на тонот или темпото на вашиот говор.
  • следете го бебето и неговите реакции за време на вашиот разговор: кога ќе забележите дека бебето повеќе не е активно вклучено, сменете го типот на комуникација. Кога бебето ќе погледне настрана, бидете трпеливи и дајте му можност да се одмори и да се „вклучи“ повторно во разговорот. Кога повторно ќе ве погледне, поздравете го со насмеано лице и зборови на одобрување. Кога ќе забележите дека бебето повеќе не ужива во размената, или дека е доста од разговор - дајте му време да се одмори подолго и можност да ја промени активноста.

Кога разговарате со вашето бебе, исклучете го телевизорот, мобилниот телефон и слични уреди. Науката сугерира дека говорот што бебето само го слуша не е доволно стимулирачки.

Од друга страна, имајте на ум дека бебето е најспремно за истражување и активност кога ја има вашата поддршка и потполно внимание. Затоа, вашите разговори нека бидат ситуации кои ја зајакнуваат врската меѓу вас.