Дифтерија

Дифтерија е акутна инфективна болест предизвикана од бактеријата Corynebacterium diphteriae. Бактеријата предизвикува воспаление на горниот респираторен тракт, носот и грлото и произведува токсини кои можат да се шират низ крвотокот во други делови на телото, како што се срцето и нервите и да предизвикаат тешки компликации.
Body

Дифтерија се пренесува преку директен контакт со заразено лице или преку капки што заразеното лице ги исфрла во околината за време на кашлање и кивање. Периодот на инкубација (од моментот на инфекција до првите знаци на болеста) е обично 2-5 дена (може да биде од 1 до 10 дена).

Знаци и симптоми на болеста

Бактеријата предизвикува воспаление на носот, грлото и крајниците и малку покачена температура. Во рок од 2 до 3 дена, на крајниците, мекото непце и фаринксот се формираат синкаво-бели мембрани со различна големина. Слични промени може да се прошират и на гласните жици при кашлање, а покрај треска, се јавува и засипнатост. Овие слоеви се цврсто прикачени за ткивото, ги стеснуваат дишните патишта и го загрозуваат дишењето. Токсинот што го создава оваа бактерија се апсорбира и се шири низ крвта во различни делови од телото и може да доведе до бројни компликации.

Компликации

Најчестите компликации кои се јавуваат како последица на дејството на токсините од дифтерија, се воспаление на срцевиот мускул и нервите. Компликациите на срцето вклучуваат абнормални отчукувања на срцето и срцева слабост. Влијанието на нервниот систем може да предизвика абнормално ниво на свест и може да доведе до кома. Зафатените нерви можат привремено да ја загубат својата функција и настанува парализа: на мускулите на мекото непце, мускулите на очите, мускулите на екстремитетите, дијафрагмата итн. Овие компликации можат да бидат фатални и всушност 20% од децата помлади од 5 години со дифтерија умираат од оваа болест.

Третман на дифтерија

За време на третманот на дифтерија, се користат антибиотици во соодветна доза, антитоксин и општа симптоматска поддршка.

Превенција (заштита) од дифтерија

Заштитата на децата од дифтерија се обезбедува со имунизација. Вакцината против дифтерија се дава заедно со вакцините против тетанус, голема кашлица, детска парализа и Хемофилус Б на возраст од: 2 месеци, 3 месеци, 4-5 месеци, 5-6 месеци и 12-18 месеци. Подоцнежните дози се даваат заедно со вакцината против тетанус, обично на училишна возраст.

Благодарение на успешната вакцинација на децата, болеста е искоренета во многу земји, меѓутоа, инфекцијата се уште постои во некои делови на светот и може да се увезе и затоа треба да го заштитите вашето дете.