Доење и консумирање алкохол
Концентрацијата на алкохол во мајчиното млеко е еднаква со таа во крвта. По 30-60 минути пиење алкохол, тој ќе биде присутен во мајчиното млеко. За да исчезне алкохолот од мајчиното млеко, потребни се приближно 2 часа за 1 испиен пијалак, 4 часа за 2, а 6 часа за 3. Ефектот, исто така, зависи и од телесната тежина на мајката, количината на масно ткиво, дали алкохолот се зема на празен стомак или заедно со храна.
Бремените жени обично се предупредуваат дека употребата на алкохол за време на бременоста може да му наштети на нероденото дете; помалку се знае за ефектите на алкохолот врз бебето за време на доењето. Консумирање на поголема количина алкохол може да предизвика поспаност, длабок сон и слабост кај детето и намален проток на млеко кај мајката.
Факти што треба да ги знаете
- Новороденчето има незрели функции на црниот дроб, па затоа е почувствителено на алкохол
- Во текот на првите три месеци од животот, детето го метаболизира алкохолот двапати побавно од возрасно лице
- Вашата тежина влијае на метаболизмот на алкохолот: потешките луѓе го разградуваат побрзо од оние со помала тежина
- Ефектот на алкохол е директно пропорционален на количината што ја пиете; колку повеќе пиете, толку повеќе време ќе му треба на вашето тело да го метаболизира
- Ако консумирате алкохол со храна, ќе се апсорбира помала количина
- Не е потребно да се испразнат градите, бидејќи алкохолот не се задржува во мајчиното млеко
- Голема количина на течност или кафе нема да ја забрза стапката на елиминација на алкохол од вашето тело, а со тоа и од мајчиното млеко
Можеби ви се чини дека апсолутната забрана за консумирање алкохол за време на доењето (што може да трае и до две години) е прекумерно ограничување. Можеби мислите дека малку пофлексибилен пристап е поприфатлив; еден алкохолен пијалок во посебна пригода, со горенаведените мерки на претпазливост (двочасовна пауза помеѓу консумирање алкохол и доење), нема да му наштети на бебето.
Заблуда е дека пиењето на алкохол го зголемува создавањето на млеко!