Како да читате со дете?

Читањето со дете е активност која активно го вклучува детето и претставува еден од најсеопфатните развојни стимули. Исто така, нуди блискост со родителот, истражување налик на игра, размена на зборови, охрабрување, именување, силно емотивно искуство и можност да се истражат и разберат предметите и настаните што го опкружуваат детето.
Body

Можете да му читате на детето уште од најраните денови од животот. Еве неколку упатства како да читате со дете, без разлика на возраста:

Книгата, времето и местото за читање ги избира детето. Поради оваа причина, книгите што му се достапни на детето дома треба да бидат соодветни на неговите интереси и вештини. Нивната големина треба да биде таква што детето може да ги држи во раце, да ги пренесува од рака во рака, да ги врти, да ги носи итн. Илустрациите треба да му одговараат на детето. На пример, книгите за бебиња обично се црно-бели или во контрастни бои, со една голема форма на бела позадина;
Книгата се поставува свртена кон детето, а возрасниот и детето се гледаат лице в лице. Ова му овозможува на детето да ја истражува книгата, а на родителот - да го набљудува однесувањето на детето, изразите на лицето, движењата, вокализацијата (или говорот) - иницијативи кои покажуваат како детето сака да истражува или да учествува во читањето;

  • Читањето е покана за игра - со зборови или ликови. Можете да му помогнете на вашето дете да остане фокусирано со менување на изразот на лицето, темпото на говор, тонот. Наведете го она што детето го гледа, но не заборавајте да поставувате, отворени прашања - кој, што, како, каде...
  • Читањето е разговор со детето. Затоа, дајте му шанса на вашето дете да смисли што да каже. Почекајте детето да одговори кога поставувате прашање. Во меѓувреме, внимавајте на изразот на лицето на детето, погледнете го со интерес. Кога детето ќе одговори и ќе покаже дека е подготвено да учествува понатаму - покажете одобрување, весело лице, љубопитност да дознаете што детето мисли, открива, кажува, прашува;
  • Читањето е можност за поврзување со детето. Затоа, обидете се да зборувате со топол глас, да бидете автентично заинтересирани за истражување заедно со детето. Насмевнете се, уживајте со детето и покажете му дека тоа е сакано, прифатено и важно.

Можете да читате со вашето дете во секое време и каде било. Можете да читате за сè - можете да зборувате за слики, да читате рецепти, да анализирате фотографии, да читате приказни. Читајте со вашето дете секој ден!