Развој на предвремено родено бебе: 26-36 недели

Развојот на предвремено родено бебе се случува по истиот редослед како што би се случило во матката. Како се раѓаат предвремено родените бебиња може да влијае на брзината на нивниот раст и нивното однесување со текот на времето. Кога вашето бебе ќе достигне одредени цели за здравје, раст и развој, ќе можете да го однесете дома.
Body

Развој на предвремено родено бебе

Развојот на предвремено роденото бебе обично ја следи истата динамика која би ја имала кога би била во матката.

Гените на вашето предвремено бебе се програмирани да го направат развојот да се случи на одреден начин, и ова продолжува да се случува дури и ако вашето бебе е родено порано. Но, предвремено роденото бебе може да има и некои здравствени проблеми, како и одложување во растот и развојот, особено ако е болно.

Сите бебиња се различни, а нивното однесување и развој се различни. Со предвремено родени бебиња, разликите, исто така, имаат малку врска со тоа кога се родени.

На пример, предвремено бебе родено на 32 недели најверојатно ќе се развива поинаку од бебето родено на 26 недели, кое има многу медицински предизвици до моментот кога ќе наполни 32 недели. На бебето родено на 26 недели може да му биде потребно дополнително време за да добие на тежина и да научи да се храни.

Ова се промените што можете да ги очекувате и да ги забележите кај вашето предвремено родено бебе за време на престојот во болница.

26 недели

На 26 недели, бебето во матката е долго околу 35 см и тежи околу 760 гр. Но, предвремено родените бебиња често се мали за нивната возраст. Бебе родено на 26 недели веројатно има големина колку раката на таткото.

На оваа возраст главната работа на вашето предвремено родено бебе е да расте, спие и здравствената состојба да му стане стабилна.

Бебето може да ги отвори очите повремено, но не може да се фокусира. Светлината или другите визуелни стимули може да му предизвикаат стрес на неговото тело. Медицинската сестра нормално ќе го покрие инкубаторот каде е сместено бебето, а некои неонатални единици за интензивна нега ноќе ги затемнуваат светлата.

Движењата на вашето бебе често се во вид на грчеви, затоа што сè уште нема добар мускулен тонус и не може да се свитка. Болничкиот персонал ќе го стави вашето бебе во свиткана позиција, ќе го потпре неговото тело со постелнина и ќе ја одржува потребната температура, која му помага на бебето да ја задржи својата енергија.

Предвремено роденото бебе исто така може да има апнеа и ова е вообичаена појава кај многу предвремено родени бебиња. Делот од мозокот кој го контролира дишењето сè уште не е целосно развиен, па паузите помеѓу вдишувањата се чести. Оваа состојба обично поминува брзо.

Ушите и слушните структури на вашето бебе се веќе целосно формирани, но тоа може да биде чувствително на надворешни звуци. Бебето може да го слушне вашиот глас, но сè уште не може да ви одговори.

Вашето бебе нема да може да цица во овој период.

Кожата на вашето бебе е кревка и чувствителна, и може да се иритира ако се допре. Медицинските сестри веројатно ќе ве охрабруваат да го држите вашето бебе, но не и да го нишате.

26-28 недели

На 26-28 недели, бебињата во матката продолжуваат да добиваат на тежина и да растат во должина. Но, ако вашето предвремено родено бебе е болно, зголемувањето на телесната тежина можеби нема да биде во чекор како кога бебето би било во матката. Исто така, болниците користат внимателно подготвени, етапни планови за исхрана кои ги штитат незрелите црева на вашето бебе од инфекција, а тоа може да го забави зголемувањето на телесната тежина.

На оваа возраст, бебињата почнуваат да трепкаат и им растат трепките и веѓите.

Вашето предвремено родено бебе сè уште има низок мускулен тонус и најверојатно ќе има грчеви и треперења.

Циклусите на спиење и будење на вашето бебе сè уште не се јасни, но тоа може да има активни и тивки периоди и е будно многу кратко време. Бебето може да ги отвори очите, но мајверојатно сè уште не може да се фокусира или да ги движи очите заедно.

На оваа возраст, реакциите на бебето на звук може да се менуваат од час до час или од ден во ден. Или може да реагира на вашиот глас, но да му предизвикуваат стрес другите звуци. Неговите реакции ќе почнат да ви даваат некои индиции за она што му се допаѓа и не му се допаѓа.

Вашето бебе може да почне да цица, но сè уште не може да цица од вашите гради. За да цица од гради, треба да научи како да цица, голта и дише во правилен редослед.

Кожата на вашето бебе е сеуште кревка и чувствителна. Но, ако вашето бебе е здравственостабилно, можеби ќе можете да започнете контакт кожа на кожа.

28-30 недели

Во утробата бебето станува потешко и подолго, почнува да се движи почесто, ја знае разликата помеѓу некои звуци — на пример, гласови и музика — почнува да фаќа со рацете, и ги отвора и ги затвора очите.

На оваа возраст, на предвремено роденото бебе сè уште му треба потпора со постелнина и позиционирање, но тоа може да се движи и да се протега поактивно додека мускулниот тонус му станува подобар.

Тивок длабок сон на вашето бебе (кога не се движи) и лесен сон (кога ги движи екстремитетите и очите) се зголемуваат кога ќе наполни околу 30 недели. Исто така, ќе почнете да гледате кратки периоди на будност и отворање на очите, но на ова може да влијае здравствената состојба, околината или времето од денот.

Бебето почнува цврсто да ги затвора очните капаци ако е светло, но сепак не може многу да ги движи очите заедно. Очите нормално не добиваат многу стимулација на оваа возраст, па затоа може да помогне да се ограничи она што бебето го гледа.

Бебето продолжува да реагира на пријатни звуци и сеуште е чувствително на други звуци. Тоа може да биде внимателно кон вашиот глас, па дури и може да изгледа дека се “буди” кога ќе влезете. Можете да почнете да му зборувате или да му пеете за време на кратките периоди кога е будно. Но, внимавајте да му давате само една стимулација - на пример, контакт со очите или зборување, но не и двете одеднаш.

Во овој период се развива и т.н. рефлекс за цицање - бебето се врти кога ќе го допрете на образот и ова значи дека се подготвува за доење. Може дури и да почне да цица, но сè уште не може да се цица од градите.

Бебето сè уште може да биде чувствително на допир, но тоа сака постојан и нежен допир со рака или контакт кожа на кожа. 

30-33 недели

На оваа возраст, органите на бебето созреваат. Бебето родено во 30-33 недела можеби нема потреба од многу медицинска помош.

Движењето на вашето предвремено родено бебе е полесно и поконтролирано, и ќе почне да ги витка рацете и нозете кон себе.

Длабокиот сон на вашето бебе се зголемува. Неговите периоди на будност се почести, особено ако просторијата е затемнета — тоа цврсто ги затвора очите ако просторијата е светла. Кога е будно, бебето може да се фокусира на вашето лице или на друг интересен објект, и може да покаже очигледна реакција на вашиот глас.

Бебето може да сака контакт со очите, гушкање или зборување во тек на периодот на будност - но сепак е добра идеја да се задржи на едно нешто во исто време. Исто така можете да го гледате говорот на телото на вашето бебе за да препознаете знаци на стрес.

Вашето бебе може да почне да цица ритмички и може да покаже дека е подготвено да цица за да се храни. Давањето да мириса и вкуси мајчиното млеко ги подготвува сетилата за доење. Нежно триење околу усните и внатре во устата пред цицање помага да се подготви за допирните сензации на цицање од градите.

Ако видите дека вашето бебе ја става раката во уста, тоа значи дека почнува самото да се смирува.

Вашето бебе сè уште може да биде многу чувствително на допир. Корисно е да и кажете што сакате да направите - на пример, “сега ќе ја смениме пелената”. На овој начин ќе почне да го поврзува вашиот глас со она што го правите.

33-36 недели

Вашето бебе сега се приближува до датумот на кој требало да се роди. Но, дури и кога достигнало 37 недели, тоа не е исто како бебе родено во термин.

Бебето сега може да се движи полесно и да ги витка рацете и нозете. Тоа исто така може да ја премести главата од од една на друга страна, а неговиот мускулен тонус е посилен.

Многу помалку веројатно е да доживее апнеа.

Фазите на будност и спиење се јасни - тивок сон, активен сон, поспаност, будност или плаче. Времето кога е будно се уште е доста кратко, но тие периоди траат се подолго и се случуваат почесто. Бебето може подолго да ужива во активности со вас, и сега може да ги сврти или затвори очите кога му е доволно игра.

Вашето бебе е поверојатно да реагира на звуци и шумови на ист начин од ден на ден. Може дури и да знаете како ќе реагира кога ќе се каже нешто за него.

Вашето бебе веројатно сè уште не плаче многу. Но, како што се приближува до 40 недели, почесто ќе плаче за да ви каже што сака. Најверојатно ќе почне и да цица во овој период.

Бебе сè уште може да биде чувствително на допир, иако кажувајќи му на вашето бебе што сакате да направите, ќе му помогне да се релаксира со текот на времето.

37 недели и подоцна

Бебето може да биде подготвено да си оди дома и пред очекуваниот датум на раѓање. Но, тоа може да потрае подолго ако вашето бебе имало операција или болест.

Болницата одредува цели за здравје, раст и развој за вашето бебе кои треба да ги исполни пред да можете да го однесете дома. Тие може да вклучуваат рамномерно добивање на тежина, цицање од градите при сите подои и отсуство на проблеми со апнеа.