Мајчино млеко и доење: придобивки
Придобивки од мајчиното млеко и доењето
Мајчиното млеко навистина е чудо - целосен оброк, подготвен секогаш, каде и да сте вие и вашето бебе.
Повеќето мајки можат да дојат ако ги имаат вистинските информации, поддршка и грижа.
Мајчино млеко: што велат експертите
Еве неколку причини зошто експертите велат дека мајчиното млеко е природна храна за вашето бебе.
Мајчино млеко: дизајнирано од природата
- Мајчиното млеко се развивало во текот на милиони години за точно да одговара на потребите на вашето бебе. Иако производителите на вештачко млеко се обидуваат да го копираат мајчиното млеко што е можно подобро, вештачкото млеко никогаш нема да биде исто како мајчиното млеко.
- Мајчиното млеко се прилагодува на променливите потреби на вашето бебе како што тоа расте и се помалку цица. Тоа се менува дури и за време на подојот - првото млеко ја гаси жедта, а при крај е богато, кремасто и полно со добри масти.
- Вкусот на мајчиното млеко се менува во зависност од тоа што јаде мајката, што значи дека доеното бебето најверојатно лесно ќе прифати нови вкусови кога ќе почне да јаде цврста храна.
Мајчино млеко: целосен оброк
- Мајчиното млеко ги содржи сите хранливи материи што му се потребни на вашето бебе во првите шест месеци од животот. Во овие рани месеци, на вашето бебе не му треба вода или друга храна, освен мајчиното млеко.
- Мајчиното млеко лесно се вари и лесно се апсорбира во системот за варење на вашето бебе.
Мајчино млеко: основа за здрав развој
- И колострумот и зрелото мајчино млеко содржат антитела и други агенси кои помагаат вашето бебе да се заштити од инфекција и да се намали ризикот од болести како гастроентеритис, инфекции на респираторниот тракт, инфекции на ушите и дијабетес тип 1.
- Добрите масти во мајчиното млеко се важни за развојот на мозокот кај бебето.
- Доењето е важно за видот на бебето, говорот, вилицата и развојот на устата.
- Бебињата кои се дојат имаат помал ризик од ненадејна неочекувана смрт во детството, вклучувајќи синдром на ненадејна смрт кај новороденчиња (СИДС) и фатални несреќи при спиење.
Доењето поттикнува контакт кожа-на-кожа и контакт со очи помеѓу вас и вашето бебе. Физичката поврзаност со вашето бебе може да му помогне да се приврзе со вас и да се чувствува сигурно.
Доење: зошто е добро за мајките
- Доењето е лесно. Не мора да стерилизирате шишиња, да чистите цуцли, да носите шишиња и стерилна вода кога излегувате, да мерите и мешате вештачко млеко, да го чувате разладено или топл.
- Мајчиното млеко е бесплатно.
- Доењето може да им помогне на некои жени да изгубат тежина по раѓањето.
- Мајките што дојат полесно заспиваат отколку мајките кои ги хранат децата со вештачко млеко, а циклусите на спиење се повеќе во склад со спиењето на нивните бебиња.
- Жените кои дојат имаат помали стапки на рак на дојка, остеопороза и дијабетес тип 2.
Доење: ваш избор
Доењето е индивидуален избор - но треба да биде информиран избор.
Ако одлучите да не доите, бидете сигурни дека вештачкото млеко му дава на вашето бебе соодветна исхрана. Дури и да треба да го надополните мајчиното млеко со вештачко, тоа не значи дека доењето треба целосно да престане.
Колку долго да го доите вашето бебе
Се препорачува да го доите бебето без додавање на вода или други течности, се додека тоа не почне да покажува знаци дека е подготвено, што обично се случува околу шест месеци. По шестиот месец, на бебињата им требаат дополнителни хранливи материи за раст и развој.
Вашето бебе има потреба од само мали количини на цврста храна во првите неколку месеци откако истата ќе се воведе, а мајчиното млеко е сеуште главниот извор на исхрана на бебето. Откако ќе воведете цврста храна, најдобро е да продолжите да доите заедно со давање на цврста храна се додека не наполни најмалку 12 месеци.
После овој период, навистина зависи од вас и вашето бебе колку долго ќе продолжите да доите. Доколку одлучите да доите подолго, вашето бебе ќе добие дополнителни придобивки како заштита од инфекции во детските години.