Редовен здравствен преглед: на 3,5-4 месеци

Редовниот преглед е можност да се посвети поголемо внимание на растот, развојот и здравјето на вашето дете, како и да се примат вакцини соодветни за возраста, сè со цел да го поддржат и унапредат здравјето и развојот на вашето дете. Во случај да има какви било проблеми во развојот, редовниот преглед ќе помогне за нивно идентификување и навремена интервенција.
Body

Вашето дете напредува многу брзо и доаѓа во состојба во која може да ги контролира движењата на одредени делови од телото, интензивно учи за себе и за луѓето околу него. Тоа навистина ужива да си игра со вас и со своите раце. 

Подготовки за посетата 

  • Запишете важни работи што сте ги забележале за вашето дете во меѓувреме, како што се: смеење или дури и кикотење кога зборувате со него; грабање играчка што му ја ставате во рацете; следење на вашето движење низ собата, итн. Ако имате прашања или дилеми, додадете ги на списокот. 

 Содржина на редовна здравствена контрола 

  • Следење на растот: телесната тежина, должината на телото и обемот на главата се важни параметри на растот на детето и помагаат при проценка дали детето напредува со очекуваното темпо. 

  • Воведно интервју и советување: Исхраната е сè уште една од клучните теми за време на разговорот со лекарот или медицинската сестра. Тие ќе ве прашаат како го храните вашето дете, дали детето изгледа задоволно и сито по оброкот. Колку често се будите навечер? Ако не го доите детето, кое млеко го користите? 

  • Ќе ве прашаат дали сте продолжиле да давате 400 IU витамин Д3. за време на оваа посета може да ви препорачаат и давање на дополнително железо .

  • Здрав начин на живот: лекарот ќе разговара со вас за спречување на изложеност на детето на чад од тутун, спречување на рано изложување на медиуми, да не го ставате во кревет со шише особено шише кое содржи формула или засладен пијалок, како безбедно да го изложувате на сончева светлина и како безбедно да го возите вашето бебе во автомобил. 

  • Како се справува семејството: може да разговарате за работи како на пример љубомора од страна на браќата и сестрите и со проблемите да се вратите на работа. 

Медицински преглед и проценка на развојот 

  • Лекарот ќе изврши преглед на детето по веќе утврден редослед. 

  • Тој ќе обрне внимание на тоа дали детето воспоставило контрола врз главата и како го држи телото во одредени позиции. Лекарот или медицинската сестра ќе се обидат да проценат дали детето ги користи двете раце подеднакво и може да фати играчка; ќе го набљудува изразот на лицето, движењата на телото, како реагира на вашето движење низ собата и на разни ненадејни звуци. Ќе ве прашаат дали детето испушта звуци. 

  • Подгответе се активно да учествувате во разговорот и да побарате објаснување за некои сомнежи или одговори на прашања што ве вознемируваат. 

Вакцинација 

  • Лекарот / медицинската сестра ќе проверат дали вашето дете ги примило досега предвидените вакцини според тековниот распоред за имунизација. 

  • Тие ќе ве прашаат како детето реагирало на вакцините што ги примило при последната посета. 

  • Доколку здравствениот статус на детето е нормален, а тоа реагирало на последната доза на вакцина на очекуваниот начин, при оваа посета ќе прими две вакцини. Тоа се втора доза на комбинирана вакцина против дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа и хемофилус инфлуенца Б во едната надколеница и втора доза на вакцина против болеста предизвикана од бактеријата стрептококус пневмонија во другата надколеница. 

  • Ќе ве известат дека во случај на појава на црвенило на местото на боцкање треба да ставите облога со ладна вода за да ја ублажите локалната реакција. 

Конечно мислење  

  • На крајот од посетата, педијатарот ќе го сподели своето мислење за состојбата на здравјето и развојот на вашето дете и ќе ви даде конечни препораки. 

  • Исто така може да добиете и печатен материјал соодветен на возраста на детето и известување за следната посета. 

После посетата 

  • Запишете ги новите информации и препораки што ги добивте за време на посетата. 

Редовните здравствени прегледи се важни за вашето дете затоа што добивате потребна поддршка за раст и развој, но исто така и за вас затоа што стекнувате поголеми способности и самодоверба во исполнувањето на родителската улога.