Заушки
Што се заушки
Заушките се предизвикани од вирусот на заушки кој се шири преку директен контакт со плунка или „капки“ од кивање и кашлање.
Заушките се ретки во земјите со добри програми за вакцинација.
Симптоми на заушки
Вирусот обично ги инфицира децата 14-15 дена пред да се појават какви било симптоми.
Раните симптоми на заушки се треска, главоболка и замор.
Овие симптоми се проследени со оток на една од плунковните жлезди. Отокот започнува на предната страна од увото и се шири под вилицата. Понекогаш отокот се појавува симетрично на двете плунковни жлезди, така што отекуваат двете страни на лицето. Поради отокот, џвакањето и голтањето можат да бидат болни за детето.
Кај машките деца, заушките можат да бидат пратени и со оток и болка во тестисите. Ова обично не предизвикува проблеми со идната плодност.
Во многу ретки случаи, заушките може да доведат до менингитис, енцефалитис и проблеми со слухот. Заушките, исто така, може да предизвикаат миокардитис, односно воспаление на срцевиот мускул.
Децата со заушки се заразни неколку дена пред плунковните жлезди да почнат да отекуваат и до пет дена по почетокот на отокот.
Дали вашето дете треба да оди на лекар за заушки?
Да. Треба да го однесете вашето дете на лекар ако:
- мислите дека вашето дете има заушки
- вашиот син има заушки и отечени, болни тестиси
- вашето дете има заушки и се жали на силна главоболка, станува поспано, почнува да повраќа или не може да издржи силна светлина.
Тестови за заушки
Матичниот лекар или педијатар може да ве упатат да направите крвна слика или брис од уста за да се потврди дека вашето дете има заушки.
Третман на заушки
Повеќето деца целосно се опоравуваат од заушки без проблеми.
Нема специфичен третман за заушки, но еве неколку начини за ублажување на симптомите:
- Дајте му парацетамол или ибупрофен во препорачани дози кои ќе помогнат да се намали температурата и да се намали болката и непријатноста.
- Охрабрете го детето да пие многу вода и да одмара.
- Дајте му да јаде мека храна за да не мора премногу да џвака.
- Избегнувајте да му давате кисела храна бидејќи оваа храна може да стимулира лачење на големи количини плунка.
- Во некои случаи, може да ставите мраз на болните и отечени делови од лицето на детето.
И запомнете дека морате внимателно да ги миете рацете ако се грижите за дете со заушки.
Децата кои имаат заушки не треба да одат во градинка или училиште најмалку пет дена откако се појавил оток.
Превенција на заушки
Најдобар начин да избегнете заушки е да го вакцинирате вашето дете. Вакцината му дава на вашето дете 95% заштита од заушки.
Вакцината против заушки е дел од МРП вакцината, која го штити вашето дете од мали сипаници, заушки и рубеола.
Некои родители се загрижени дека вакцината МРП е поврзана со зголемен ризик од нарушување на спектарот на аутизам (АСН). Нема научни докази дека вакцините се поврзани со развојот на АСН. Ако имате какви било грижи за вакцината МРП, добра идеја е да ги разговарате со вашиот лекар.