3-4 месеци - разновидни искуства
Комуницирање
Што има ново?
Во првите два месеци се запознавте и воспоставивте заеднички рутини. Сега, ќе го видите вашето бебе како совладува нови начини на комуникација и поинтензивно ќе ги изразува чувствата. Иако плачењето е сепак најважен сигнал, периодот на интензивно плачење полека ќе заврши, бидејќи вашето бебе сега ќе се обиде да комуницира со вас на различни начини. На пример, ќе ја видите како се насмевнува, или дури и гласно ќе се смее, кога ќе види или доживее нешто што и се допаѓа. Честопати ќе се обидува да ви одговори со гугање или звуци како „аааа“! Обожава да испушта звуци, па може да го слушнете и нејзиниот џагор кога ја оставате сама. Понекогаш дури и копира звуци што ги слуша. Таа сега навистина комуницира!
Што можете да направите за да помогнете?
Кога ќе ја држите и ќе разговарате среќно со неа, таа внимателно ќе ве слуша, а понекогаш и ќе се обиде да ги повтори вашите гласовни звуци. Затоа, правете го ова често. Разговарајте со вашето бебе и не заборавајте да го слушнете нејзиниот одговор. Кога испушта звуци, покажете и дека сте среќни и возбудени што ги слушате. Таа, исто така, ќе ужива слушајќи како копирате некои од нејзините звуци. Одвојте време во денот за тивки периоди на игра кога ќе му пеете на вашето бебе, ќе му кажувате приказна или ќе му покажете книга.
Чувства
Што има ново?
Вашето бебе продолжува да биде фасцинирано од лица, и може внимателно и долго да ги набљудува. Таа е толку заинтересирана за вас - може да ја копира вашата насмевка, па дури и намуртеното лице. Околу овој период, ќе почне и да го поврзува она што го кажувате со изразот на лицето. Сега може да ги препознае гласовите на луѓето кои се грижат за неа и ја врти главата кога ќе ги слушне. На оваа возраст, ќе ја видите како спонтано се насмевнува на посебни луѓе. Исто така, ќе забележите дека вашето бебе сака да си игра со луѓе. Може да се каже дека во моментов луѓето се нејзините омилени играчки!
Што можете да направите за да помогнете?
Додека зборувате или ја слушате, секогаш гледајте ја во очи. Дајте и многу шанси да ги гледа вашите изрази на лицето. Насмевнете и се и покажете дека уживате да ја имитирате. Држете ја во раце, милувајте ја, насмевнувајте се, разговарајте и пејте, и опсипувајте ја со внимание секој ден. Обрнете внимание на она што му годи на вашето бебе и исполнете ги нејзините потреби. Со тоа ќе ја направите среќна.
Мислење
Што има ново?
Таа ќе сака да го истражува светот со свои раце. Некаде во овој период, ќе почне да посегнува по предмети во својата околина и ќе се обиде предметите што ќе ги дофати да ги става во уста. Се повеќе ги користи рацете и прстите, може да ја најдете како гледа во восхит во рацете и често ги користи како нејзини први многу забавни играчки. Во овој период, таа учи и гледајќи. Нејзините очи ги следат предметите што се движат. Сака лица, но учи и гледајќи ги. Почнува да ги препознава луѓето, а исто така и познатите предмети, не само кога се одблизу, туку сега кога се подалеку.
Што можете да направите за да помогнете?
Дозволете и да истражува со тоа што ќе и дадете можност да дофати безбедни предмети со различни форми, текстури и бои. Нека ужива во нив и со сетилото за допир и со чувството за вкус. Ставете и интересни предмети во раце и помогнете и да ги држи. Играјте игри како „Ѕе“.
Движење
Што има ново?
Во текот на третиот и четвртиот месец, ќе забележите дека вашето бебе може подобро да ги контролира движењата на главата. Не и треба толку поддршка за главата кога ја држите во раце или ја спуштате. Вашето бебе ги истражува можните начини на движење. Кога ќе ја ставите на стомак, ќе може да ја крене главата и да се подига со рацете. Исто така може да се преврти од стомак на грб. Не само што може самата да држи играчка или друг предмет, туку може да тресне и да замавне со предметот што е пред неа.
Што можете да направите за да помогнете?
Дајте му на вашето бебе многу можности да го користи своето тело на различни начини. Спуштете ја на под за време на играње. Најдете едноставни секојдневни предмети што може да ги држи и да ги истражува. Треба да му дозволите да истражува со устата, но само со безбедни предмети. Бидете особено внимателни со мали предмети што можат да предизвикаат гушење.
За да прочитате повеќе начини како да го поддржите развојот на детето преку игра, одете во делот Играње заедно.
Загриженост на родителите за развојот во периодот од 3 -ти до 4 -ти месец
Бидејќи секое дете се развива на свој посебен начин, невозможно е точно да се предвиди кога или како вашето дете ќе усоврши одредена вештина. Способностите (развојни пресвртници) очекувани и наведени за овој период ви даваат само општа идеја за промените што би можеле да ги очекувате како што вашето дете расте. Ве молиме, не грижете се ако нејзиниот развој тргне по малку поинаков пат.
Меѓутоа, за да бидете сигурни, разговарајте со вашиот педијатар доколку вашето дете покажува некој од следниве знаци на можно задоцнување во развојот, ако ви се чини дека изгубила некои од вештините што ги имала во порана возраст, или ако имате други причини за загриженост:
- Често плаче многу и не може да се смири
- Не остварува контакт со очи или не обрнува внимание на лицата на луѓето
- Не ги следи предметите додека се движат
- Не испушта звуци или не реагира на звуци
- Не може да ја држи главата стабилно
- Не посегнува по играчка или предмет што е пред неа
- Не става предмети во уста.
Референца:
https://raisingchildren.net.au/babies/development/development-tracker-3-12-months/3-4-months
https://raisingchildren.net.au/babies/development/development-tracker-3-12-months/4-5-months
Лора Е. Берк (2006), Детски развој (7 -то издание), Алин и Бекон
Dr sci Nirvana Pištoljević (2016), Rani razvoj deteta: treta treba znati, Udruženje pedijatara Srbije, Beograd.