Кој дијагностицира аутизам
Раното препознавање на симптомите на аутизам е од огромна важност затоа што овозможува навремена детална проценка или упатување на детето кога е потребно, за дополнителна дијагностика во институциите на секундарно и терциерно ниво на здравствена заштита.
Дијагнозата на аутизмот се поставува по детално набљудување и испитување на детето од мултидисциплинарен тим кој обично вклучува педијатар, детски психијатар, психолог, дефектолог-логопед.
Не постои тест за аутизам што може да се направи како на пример магнетна резонанца или со правење биохемиски анализи. Наместо тоа, дијагнозата на аутизам се заснова на набљудување како детето игра и комуницира со други луѓе и деца, врз основа на разговори со родителите за развојот и функционирањето на детето, како и со употреба на специфични алатки за проценка на аутизмот од страна на обучени професионалци (CARS, ADI-R, ADOS).
Здравствените работници и соработниците детално ќе ги проценат комуникациските вештини на детето, развојот на говорот и јазикот, развојот на когнитивните вештини, социјалните вештини, вештините за игра, како и моторниот развој на детето.
За деца кои добиваат потврда за дијагноза на аутизам, родителите добиваат јасен опис на тоа колку се сериозни симптомите, како и колку и каква поддршка е неопходна за детето во иднина.
Неопходно е да се вклучи детето во програмата за рана интервенција, која како мерка за развојна стимулација ќе биде насочена кон областите каде се манифестираат отстапувања. Важно е да го вклучите детето во вакви програми од моментот кога ќе забележите дека има отстапувања во неговиот развој, до конечната дијагноза, а откако ќе се постави дијагнозата, да се продолжи со препорачаните интервенции. Интервенциите треба да вклучуваат индивидуална работа со детето, обука на родителите за стимулирање на развојот на детето дома, советување на родителите, поддршка за вклучување на детето во предучилишна средина.
Постојат различни бариери што треба да се надминат за да се постави раната дијагноза, како што се: неприфаќање на родителите дека има проблем со нивното дете, задоцнето упатување од избран лекар / педијатар, недоволно обучен персонал, недостаток на персонал кој спроведува рани интервенции.
Истражувањата покажуваат дека е можно да се постави рана дијагноза, уште на 18 месеци, а потоа е потребно да се започне со рани интервенции за кои е докажано дека даваат најдобри резултати во подобрувањето на различните способности на детето во сите области на развој.