Препораки за воведување на цврста храна кај деца кои се хранат со вештачко млеко

Препораките за воведување на цврста храна за доенчиња кои се хранат со вештачко млеко се слични со оние за деца кои се дојат, во однос на изборот на храна, подготовка на оброк, методи на хранење и почитување на потребите на детето. Сите бебиња постари од шест месеци имаат потреба од цврста немлечна храна.
Body

Децата кои се хранат со вештачко млеко треба да почнат да добијат цврста храна малку порано, од 5-тиот месец од животот (не пред 17-та и не по 24-та недела). Вештачкото млеко повеќе не ги задоволува нутритивните потреби на доенчето и тоа почнува да покажува интерес за друга храна. Од 5-тиот месец, функциите на органите за варење и екскреција се доволно зрели, како и моторните функции кои овозможуваат хранење со полу-цврста и цврста храна.

Млеко

  • Вештачкото млеко останува главна храна за детето во текот на првата година.
  • Детето кое не продолжило со доење или се хранело со вештачко млеко, треба да пие две чаши млеко секој ден во текот на втората година.
  • Кравјо млеко не се препорачува во текот на првата година (истото важи и за овчо и козјо млеко). Дефинитивно не се препорачува да се дава неварено и/или непастеризирано млеко.
  • Млечни производи (јогурт, кисело млеко, младо сирење) се одличен извор на протеини и калциум и може да се даваат на деца на возраст од 7-8 месеци и повеќе. Складирањето на млечни производи е особено важно, бидејќи тие лесно се расипуваат и обично имаат краток рок на траење.
  • Пијалоци од растително потекло (соја, ориз или бадемово млеко) не се препорачуваат како примарно млеко за доенчиња, бидејќи не ги задоволуваат нивните нутритивни потреби.

Возраст од 6 до 8 месеци

  • На бебињата кои не се дојат им е потребна иста количина на храна како и оние кои се дојат, плус еден оброк и две чаши млеко секој ден.
  • По 6-тиот месец, дајте му на бебето 2-3 чаши вода дневно, особено кога времето е топло. Давајте му на бебето зовриена и изладена вода додека не наполни една година.

Возраст од 9 до 11 месеци

На бебињата кои не се дојат им е потребна иста количина на храна како и оние кои се дојат, плус два оброка и две чаши млеко секој ден. Не заборавајте на водата.

Возраст од 12 до 23 месеци

  • На бебињата кои не се дојат им е потребна иста количина на храна како на оние кои се дојат, плус два оброка и две чаши млеко секој ден.
  • Не заборавајте на водата! Со наполнета една година, можете да му дадете на детето вода од чешма.
  • Количината на храна, изборот на храна, подготовка на оброк и препораки за хранење се исти за доенчиња кои се хранат со вештачко млеко и за деца кои се дојат.

Одговорно хранење

Набудувајте го вашето бебе и одговорете на неговите сигнали. Почекајте детето да престане да јаде пред да му понудите повторно. Престанете да го храните кога ќе покаже дека му е доста.

Никогаш не користете шише и цуцла за да му дадете на детето пасирана храна!!! Овој начин на хранење значително го зголемува ризикот од прекумерно внесување калории и дебелина, а исто така го зголемува ризикот од кариес кога на детето му растат заби. Дајте му само вода или вештачко млеко во шише. Од 9-ти до 12-ти месец, повеќето деца се доволно вешти да се хранат самостојно и да пијат од чаша држејќи ја со двете раце. Обидете се да престанете да го користите шишето и цуцлата најдоцна до првиот роденден на бебето.