Стимулирање на социо-емоционалниот развој: 13 -18 месеци

„Комуникацијата со блиски луѓе се проширува, има разновидни заеднички активности и интеракции за време на секојдневните активности и игра. Детето е среќно што се занимава со активно истражување. Тоа ги изразува своите желби. Фрустрациите се неизбежни, а со нив и посилните емотивни реакции и протести. Вие сте тука за да разберете и да помогнете “.
Body

Регулирање на чувствата и однесувањето

Вашето дете покажува зголемена иницијатива. Тоа  е заинтересирано за просторот околу него, предметите и другите луѓе. Детето веќе научи да ги разбира вашите реакции. Останете близу и охрабрувајте го безбедно да истражува. Реагирајте позитивно на посакуваното однесување, покажете и споделете радост со детето. Реагирајте мирно кога детето е вознемирено или луто. Вашите реакции ги обликуваат внатрешното искуство и чувствата на детето.

Поставување граници 

Детето се соочува со ограничувања за прв пат. Понекогаш реакциите на детето можат да бидат силни. Тоа е ново искуство и потребно е време личните желби и однесување на детето да се прилагодат на вашите барања. Вашите постапки се најдобрите примери за учење . Кажете што сакате, дадете кратко објаснување. Бидете јасни во вашите очекувања, постојани во поставувањето граници и смирени кога реагирате на несакано однесување. 

Односи со други

Детето покажува љубопитност за другите луѓе и нивните постапки. Почнува да покажува интерес за другите деца - ги набљудува и им приоѓа. Дајте му на вашето дете шанса да запознае различни луѓе, други деца. Средбите со други лица се дел од секојдневниот живот. Некои деца може да покажат плашливост, додека други се активни во барањето контакт. Дајте му на детето време да се релаксира, бидете во близина  за да може да обезбедите  соодветна поддршка.

Барање на  внимание

Детето го бара вашето внимание. За време на играта и другите активности, тоа  бара потврда дека гледате што прави. Задоволете ја оваа важна потреба. Погледнете го вашето дете кога ќе ви пријде, насмевнете се кога ќе ви се насмевне,  погледнете го кога се одалечува  и коментирајте кога ќе ви покаже нешто. Пофалете го детето кога ќе ви покаже во што успеал, дајте му утеха кога ќе го побара тоа. Вашите реакции му покажуваат на детето дека е важно. Позитивните потврди го зајакнуваат внатрешното чувство за  неговите постигнувања  и задоволство.