Стимулирање на социо-емоционалниот развој: 6-12 месеци
Средби со непознати лица
Вашето дете може да има различни реакции кога се среќава со непознати лица . Може да покаже љубопитност, радост, како и реакции на страв или избегнување контакт. Сите овие реакции се природни. Тоа зависи од темпераментот на детето, претходните искуства и самата ситуација. Прифатете ги реакциите на детето. Постепено запознавање, смиреност и давање доволно време на детето да се чувствува безбедно, ќе ги направи овие искуства интересни.
Реакции при разделби од вас
Детето постепено се навикнува на разделби и затоа тие треба да бидат дел од дневните рутини. Вашето однесување треба да биде јасно и доследно. Не заминувајте без да се поздравите . Кажете му на детето кога заминувате и кога ќе се вратите. Постепено, на детето ќе му биде полесно да прифати такви ситуации. Играјте криенка. Тоа му помага на детето да ја надмине вознемиреноста при одвојување.
Барање поддршка
Вашето дете сè повеќе ве гледа во нови ситуации, бара насоки и ги толкува вашите реакции. Врз основа на вашите чувства, изрази на лицето и коментари, детето донесува важни заклучоци и го прилагодува своето однесување. Ако сте несигурни или исплашени, детето исто така веројатно ќе се исплаши. Направете ги вашите реакции јасни за детето . Зборувајте за тоа што се случува, покажете дека тоа е безбедно со вас. Наскоро, детето ќе ги прифати промените со поголема самодоверба и ќе започне со повеќе независни истражувања.
Чувствата стануваат посложени
Препознајте ги и почитувајте ги чувствата што ги забележувате кај вашето дете. Радоста, лутината или вознемиреноста се природни состојби кои се јавуваат како реакции на настани. Именувајте ги, зборувајте за тоа што се случува. Вашите зборови, објаснувања и реакции му помагаат на детето да ги препознае своите чувства и подобро да ги регулира. Никогаш не критикувајте дете за чувствата што ги има.